На 14 декември, сабота, со почеток во 20 часот во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмовите изработени од страна на младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница ФИЛМЕЈ“ која е во организација на Кинотеката на Р. С. Македонија и Гете Институт – Скопје, а е дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Кратките филмови „Агент Блу“ на Јана Денковска, „Колач“ на Костадин Тасевски и „Фејктопија“ на Максим Котески и Алек Дуковски ќе бидат премиерно прикажани, по што ќе следи кратка дискусија за филмовите.
Филмските училници во чии рамки се направија овие кратки филмови се одржуваа секоја сабота во Кинотеката, во текот на првото полугодие од учебната 2024/25 година, и во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Тие, заедно со режисерите Sasa Stanisic , Svetislav Podleshanov и Kiril Karakash учеа за филмската уметност и работеа на своите први кратки филмчиња, во улога на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот „ФилмЕД“, кој покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место каде ќе може да се дискутира за нив. Преку интерактивно и креативно учење, учесниците на филмските училници се стекнаа со основно познавање од филмот и филмската уметност, развија критичко размислување, но и стекнаа основни вештини за изработка на видео материјали како средства за лично изразување. Под менторство на филмски професионалци, учесниците создадоа кратки филмови на различни теми, и истите ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија пред нивните семејства и пријатели.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете Институтот Скопје се дел од поширокиот меѓународен проект FilmED (Film Education), финансиран од од Европската Унија преку програмата МЕДИА, а покрај нив учествуваат и партнери од Полска (Centrum Kultury Filmovej im Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Usmev), како и координаторот на целиот проект – Гете Институтот од Прага.