„Професорски пленум“ бара да не се признаат изборите на СПУКМ

Сподели

profesorski-plenum-11

„Професорски пленум“ најостро го осудува начинот на којшто вчера се одвиваа изборите за нов претседател на Студентскиот парламент при УКИМ (СПУКМ).

Членовите на „Професорски пленум“ во нивната реакција велат дека се шокирани од фактот дека гласањето не било прекинато и покрај забележаните неправилности.

– Членовите на oдборот за гласање ја злоупотребија својата положба и дозволија продолжување на гласањето, со што реализираа незаконски избори. Ова е тежок срам за УКИМ и за Студентскиот парламент, а уште повеќе за оние кои ги подучиле и ги охрабриле да употребат вакви незаконски и насилнички методи во изборниот процес – се вели во реакцијата на „Професорски пленум“.

Оттаму најостро го осудуваат директното вмешување во изборниот процес и бруталната тортура од Специјалната единица за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи (ЕБР) врз претставниците на „Студентски пленум“, кои искажуваа незадоволство од изборните неправилности. Со тоа, според нив, МВР стана соучесник во криминалниот чин.

– Бараме од ректорот, Ректорската управа и Сенатот на УКИМ, односно раководните лица и тела на единиците при УКИМ, да не ги признаат вчерашните криминални избори. Вчера беше нанесена катастрофална штета на угледот на УКИМ и на правата на студентите. За таа цел „Професорскиот пленум“ бара итни седници на овие тела со единствена точка на дневниот ред – разгледување и средување на оваа скандалозна состојба – се вели во соопштението на „Професорски пленум“.