Резултатите од двата круга од локалните избори во Македонија навестуваат промени и во владиниот и во парламентарниот состав. Неизвесно е исто така кои ќе бидат следните чекори и како ќе влијаат на Владата и на Парламентот синоќешните најави за непризнавање на локалните избори од страна на Алијансата на Албанците, која е дел од владината коалицијата и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која засега има најголем број пратеници во Собранието.
Промени во владиниот состав засега се очекуваат на челната позиција во Министерството за здравство бидејќи Арбен Таравари, кој доаѓа од Алијансата на Албанците, стана градоначалник на Гостивар. Нов човек во Владата на премиерот Зоран Заев треба да дојде и на местото министер без ресор задолжен за странски инвестиции откако синоќа Рамиз Мерко од ДУИ го победи Зијадин Села од Алијансата на Албанците во Струга. Градоначалник на Чаир стана Висар Ганиу од ДУИ кој беше заменик министер за образование.
Во средината на оваа недела се очекува Парламентот да ја продолжи работата по вчерашниот втор круг од локалните избори. Според најавите од Кабинетот на спикерот Талат Џафери на првата седница ќе бидат констатирани оставките на двајца пратеници од албанскиот блок поднесени пред изборите, ќе биде проследена и информацијата за неколкумината пратеници кои освоија градоначалнички мандати, како и верификација на новите.
На местото на Билал Касами од БЕСА, кој не успеа да ја освои градоначалничката функција во Тетово, доаѓа Неџбедин Каремани. Оставка поднесе и Бардуљ Даути од ДПА кој беше кандидат за градоначалник на Тетово, но се уште не се знае кој ќе седне во пратеничката функција наместо него. Следна на листата на ДПА во ИЕ 6 од каде доаѓа тој е Мерал Узаири Ферати, а зад неа Имер Алиу.
Пратеничката група на СДСМ исто така ќе претрпи персонални промени откако градоначалници станаа на Скопје Петре Шилегов, на Карпош Стефан Богоев, на Шуто Оризари Курто Дудуш, на Куманово Максим Димитриевски, на Гевгелија Сашко Поцков, на Струмица Коста Јаневски и на Штип Благој Бочварски.
Нивните пратенички места се очекува да ги заземат Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов и Костадин Ацевски.
Промени во парламентарните соодноси се очекуваат и откако меѓу двата круга Чедомир Саздовски од ГРОМ го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе функционира како независен пратеник, а не како дел од пратеничка група на опозицијата.