Промоција на „Ветерната приказна“ на Ника Гавровска придружена од изложба на илустрациите за книгата на Наташа Андонова, на 12ти април 2023 година (среда), во 19:00 часот, во Мултимедијалниот центар Мала станица на Националната галерија на Република Северна Македонија.
„Ветерната приказна“ е дел проектот Патиштата на хероите поддржан од програмата Креативна Европа на Европската унија.
Свет на густа памучна магла. Малата Верта и нејзиниот дедо живеат во светилникот на Ветерниот залив, а Ветерот никаде го нема, освен во приказната што дедо ѝ секоја вечер ѝ ја раскажува, приказната за денот кога Ветерот исчезнал. Тоа е истата приказна во која е втемелена митолошката матрица за Големиот Почеток, за преобразбата на јазикот, за песната на китовите, за Ветерните и за раѓањето на Ветерот. Не очекувајте го во „Ветерната приказна“ традиционалениот судир меѓу Доброто и Злото. Силата на природата никогаш не може да биде зла, но и природата на човекот, не е секогаш добра.
„Ветерната приказна“ припаѓа на современата книжевна фантастика. Како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка. Верта тргнува на патување, при што ѝ се случуваат низа средби, поточно 12 луѓе што се книжевни одгледала на 12 вистински ликови од современиот живот што живеат денес и секојдневно на свој начин придонесуваат за поубав свет.
Покрај обземеноста на авторката од значајните современи егзистенцијални прашања за човековата одговорност, кон заедницата и кон природата, „Ветерната приказна“ е сепак четиво на универзални теми во кои се кријат заедничките желби и судбини на човештвото, како што се осаменоста, дарежливоста, љубовта и заборавот. Токму потрагата по трајни вистини и вонвременски пораки ја прави „Ветерната приказна“ современа сказна, а илустрациите на Наташа Андонова како интегрална компонентна на авторската замисла ја преобразуваат во уникатна графичка новела за млади читатели втурнати во повеќеслоен предизвик на читање на вербалната и визуелната порака и надвор од страниците на книгата.
Ника Гавровска (Скопје, 1987) е главен уредник на издавачката куќа „Гаврош“, книжевен преведувач и раскажувач на приказни за деца. Автор е и на сликовницата „Бел“, илустрирана од Ристо Аврамовски, илустрираната бајка „Бамбино“ во соработка со Никола Радуловиќ и визуелниот зборовник „Збор по збор“ со Наташа Андонова.
Наташа Андонова (Скопје, 1974) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка и сториборд артист. Автор е на илустрациите на „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, „Светот на кукларството“ од Љубица Велкова и „Збор по збор“ од Ника Гавровска.