Промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)„

Сподели

Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, денеска напладне во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе биде промовирана „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.

Изданието, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син Петре М. Андреевски.

Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“, како што посочуваат од „Арс Ламина“, се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

Овој датум со повеќе настани денеска се одбележува и во демирхисарското село Слоештица, родно село и вечно почивалиште, на големиот македонски романописец и поет. Настаните се во организација на Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенското собрание при УКЛО, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и Europe House – Битола.

На свеченоста ќе биде откриена склуптура, инспирирана од прочуената „ДЕНИЦИЈА“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов.