Промоцијата е во рамки на програмата Креативна Европа.Превод од унгарски: Златко Панзов
Јазична редакција: Анамарија Цинеге – Панзов
Промотор:
Катарина Синадиновска
Приказна за еден фотограф, кој… Не: приказна за еден маж, кој… Не: приказна за една љубов, која… Или приказна за повеќе љубови кои меѓусебно… Или приказна за една држава која… Ех, да оставиме.
Овој роман ни дава сè што може да ни даде еден роман: вистина, искреност, атмосфера, фабула…
Сеедно дали читателот ќе го смета Андраш Сабад за манијак, или пак смртно ќе се вљуби во него, секако ќе почувствува дека само така вреди да се живее, како него…: со таков оган.
Иштван Кемењ
*******
Огорчениот човек расфрла отров по светот. Во него ја гледа причината за сопствената огорченост. Огорчениот човек секогаш е неправеден, бидејќи праведност може да има само во исполнетоста. Огорчениот човек секогаш буди чувство на грев во оние на кои им должи благодарност и наоѓа сојузник во оние што безусловно ја прифаќаат оправданоста на неговиот бес. И на крајот ќе им сврти грб и на своите сојузници. Како и на оние што не му стануваат сојузници, бидејќи го сакаат.
Да се пазам од оние што не прифаќаат подарок оти не го заслужиле или го прифаќаат како да ти прават милосрдие, наместо да му се радуваат. Нема да ми остане друг избор, освен да им станам сојузник, да им служам, а потоа да се разбудам и да сфатам дека ми ја разграбале душата и ме оставиле самиот на себеси.
Огорчениот човек секогаш е осамен, кога се воодушевува на некоја планина или на морето, се воодушевува на сценографијата на неговата самотија. Секогаш стои сам меѓу реликтите. Сеедно колкумина и кои се околу него, и тие остануваат реликти. На оној што е огорчен дури и љубовта, мажот, мајката, таткото или децата му се само реликти. Сенки, ѕверови со кои се бори сам. Му се нафрлаат со истиот бес што го чувствува самиот. За огорчениот човек сета негова навреденост, бес и желба за одмазда се оправдани, а секоја одговорност за болката што самиот ја причинува ја смета за бесправна. Не му вртат грб, туку живее во вистина во која место има само за него.
Атила Бартиш, еден од наинтригантните унгарски писатели на денешницата, е роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарското малцинство. Неговиот татко, новинар, е во немилост на режимот на Чаушеску па семејството се сели во Будимпешта. Атила Бартиш таму работи како успешен фотограф, но 1995 година со романот „Прошетка“ го најавува својот исклучителен книжевен талент а критиката го споредува со Кафка и Ками. За романот „Спокој“, објавен 2001 година ги добил наградите Тибор Дери и Шандор Мараи. Според романот, Роберт Алфелди во 2008 година го снимил истоимениот филм.
Останати негови дела: „Синкава магла“ (збирка раскази, 1998), „Апокрифите на Лазар“ (есеи, 2005), „Тишината, така“ (фотодневник, 2010), „За она за што може“ (со Иштван Кемењ, разговори за книжевност и фотографија, 2010), „Четиринаесет новели“ (2010), „Крајот“ (роман, 2015), „Опишување на светот“ (фотографии, Иштван Кемењ, текст, 2016)
Неговите дела се преведени на повеќе јазици.