Промоција на „Омарнина што омалаксува“ од Марија Велинова

Сподели

 

Промоција на стихозбирката „Омарнина што омалаксува“ од Марија Велинова, Сабота, 13 мај, од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“
 
Промотор: Владимир Мартиновски
Модератор: Јулијана Величковска
 
 
Владимир Мартиновски, во поговорот кон книгата ќе истакне: Марија Велинова низ лирските авантури навистина успева нешто за што се потребни обемни философски трактати да го изведе на лирски, елиптичен и сугестивен начин: преку поетските слики стиховите ни го предочуваат вечниот дијалог меѓу опипливото и апстрактното, видливото и невидливото, материјалното и умственото, покажувајќи ни дека постои „свето во световното / и духовно во материјата“.
Таа симбиоза како да се одвива пред нашите очи токму благодарение на јазичните игри и паралелизми. Токму во и преку стиховите Велинова ни ги предочува тајните врски меѓу зборовите, преку возбудливите созвучја, хомоними и еуфонии, кои суптилно се вткаени во нејзините песни. (…) Посебно суптилен слој од песните на Велинова е и дијалогот како со експресивните можности на македонскиот поетски јазик, така и со поетската традиција, а во прв ред лириката на Ацо Шопов, која е дискретно присутна во дел од нејзините највпечатливи остварувања.
 
Изданието е поддржано од Министерството за култура.
 
Марија Велинова (2003, Штип) е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ (2021, Дата Песнопој) и „Омарнина што омалаксува“ (2023, ПНВ Публикации). Во 2022 година ја претставуваше Македонија на Интернационалната филозофска олимпијада во Лисабон. Нејзини есеи се објавени во списанијата „Средношколски размислувања 4“, „Филозофска трибина“, како и на платформата „Култура Бета“. Учествувала на „Скопскиот поетски фестивал“, како и на повеќе поетски читања, меѓу кои: „Отскочна даска“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“. Нејзини песни се препеани на српски јазик.