Протестите во Грција по железничката несреќа продолжуваат

Сподели

 

Илјадници студенти излегоа на улиците во повеќе грчки градови, а некои демонстранти во Атина се судрија со полицијата. Протестите во Грција се интензивираа неколку дена по најсмртоносната железничка катастрофа во земјата, јавува грчкиот весник „Катимерини“.

Најголемиот протест вчера се случи во централниот грчки град Лариса, недалеку од местото на несреќата, каде мирно маршираа неколку илјади луѓе.

Во Атина, полицијата за борба против нереди пред парламентот употребила солзавец и шок-бомби за да растера мал број демонстранти кои фрлале врз нив молотови коктели, запалиле корпи за ѓубре, провоцирајќи ги полициските кордони. Нема информации за уапсени или повредени.

Судири се случиле и во вториот по големина град во земјата, Солун, пренесе „Катимерини“.

Протестите на кои повика левицата во земјата и студентските групи беа поттикнати од гневот поради наводниот недостаток на безбедносни мерки во железничката мрежа на Грција.

Најмалку 57 лица, меѓу кои и студенти, загинаа кога патнички воз удри во товарен воз во во близина на долината Темби кај градот Лариса.

Во меѓувреме, над 20 лица и понатаму се лекуваат во грчките болници.

Покренато е обвинение против шефот на железничката станица „Лариса“, кој пред јавен обвинител ја признал вината затоа што заборавил да ја сврти свртницата и патничкиот воз што се движел од Атина до Солун го насочил на колосекот на пругата наменет за сообраќај во спротивниот правец, по што во долината Темби, неколку десетици километри по Лариса во правец на Солун, дошло до директен судир со патничкиот воз./Мета.мк