Прва дестинација на Давкова ќе биде Ватикан на 24. мај за Светите Кирил и Методиј

Сподели

Претседателката Гордана Силјановска Давкова, првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј.

На 23 мај претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциско, а потоа и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан.

Чествувањето на сесловенските просветители е ден потоа, на 24 мај, при што е предвидена посета на базиликата Свети Климент каде што е гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Засега не е познато дали Силјановска Давкова ќе има со претседателот на Бугарија, Румен Радев кој со своја делегација ќе биде на чествувањето во Рим, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

Во делегацијата на Силјановска Давкова ќе бидат и четворица претставници од Министерството за култура, предводени од заменик министерот Онур Али. Делегацијата ќе ја сочинуваат и членови на Кабинетот на претседателката, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, а делегацијата на МПЦ-ОА ќе ја предводи митрополит Тимотеј. Носителка на културната програма ќе биде националната установа Камерен оркестар, но во намален состав.