Првата сензорна соба во Радовиш од денеска ќе може да ја користи стручниот тим на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и во неа ќе го поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот или образовни потешкотии во ова училиште.
Општина Радовиш се приклучи кон целите на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија во создавање на инклузивна заедница.
„Со огромно задоволство се вклучивме во процесот на создавање на ова мулти – сензорно катче во нашата општина знаејќи ги потребите пред сѐ на децата со атипичен развој, а и на наставниот кадар и стручните служби кои имаат потреба од дополнителни алатки за квалитетно изведување на образовниот процес. Секојдневно работиме на подобрување на образовните можности за сите ученици во нашата општина, со фокус на учениците со попреченост кои треба да ги имаат еднаквите услови за образование и воспитание како и сите други деца кои живеат во земјата“ – истакна градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов.
ООУ „Крсте Петков Мисирков“ има 1200 ученици, 21 со попреченост, кои заедно со стручната служба ќе ја користат сензорната соба и ќе имаат можност преку индивидуална работа да ги развиваат своите потенцијали.
Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакнува дека со активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование.
„Досегашните реализирани активности на проектот значајно придонесуваат кон подобрување на инклузивните капацитети во образовните институции. Соработката со локалната самоуправа е неопходен предуслов за успешно реализирање на инклузивниот процес. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца“ – вели Мишиќ.
Сензорната соба е спроведена како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, и е пример за целосно вклучување на учениците со попреченост во образовните текови и придонесува кон подобрување на инклузивноста во образовниот процес во Северна Македонија.
Проектот го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.