Пуштен во употреба државниот пат Скопје – Блаце

Сподели

 

Завршија градежните активности за реконструкција на државниот пат А2 Скопје – ГП Блаце, во должина од 10 километри. Вредноста на реконструкцијата изнесува 3,8 милиони евра, средства обезбедни од буџетот на ЈП за државни патишта.

На денешниот настан присуствуваа првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

„При крај е фамозната двокилометарска делница од автопатот Скопје – Блаце, која исто така треба да биде завршена во текот на следните месеци, по што ќе следи најава за претстојната делница во должина од 10 километри. Оваа Влада во овие три и пол години, речиси четири, направи невидена револуција во инфраструктурата, а за тоа сведочат градежните компании, локалните власти, медиумите и граѓаните. Затоа сакам да му се заблагодарам на министерот за транспорт и врски, како и на директорот на патиштата и да им честитам за сработеното.“, рече меѓу другото Груби.

Министерот Бочварски потенцираше дека станува збор за реконструкција на една патна делница која е многу значајна за економијата, за транспортот и за извозот на македонските производи надвор од границите и затоа оваа реконструкција ќе донесе дополнителен инпут на трговските релации во регионот.

Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми изјави дека овој пат е дел од инвестицискиот циклус од 400 милиони евра што се реализираше изминатата година.