Пуштено во употреба Собраниското студио

Сподели

 

Со свечено пуштање во употреба на Собраниското студио денеска симболично беше ознчен крај на првата фаза од „Програмата за парламентарна поддршка“ (ПСП), преку која се реализираа повеќе проекти кои овозможија релиси целосна независност на Собранието како институција која е претставники дом на граѓаните и носител на законодавната власт во земјава.  Потоа, во Собранието на РС Македонија беше одбележан и почетокот на втората фаза од реализацијата на овој значаен проект.

На отворањето на студиото и презентацијата на досега подготвените и снимени содржини присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, генералната секретарка Цветанка Иванова, координаторите на сите пратенички групи и други пратеници, како и амбасадорката на Швајцарската конфедерација и претставници на НДИ во Северна Македонија.

 

 

Во таа пригода, претседателот Џафери и амбасадорката Хуман истакнаа дека Собраниското студио е долгорочна идеја која сега доживува реализација. Очекувањата, како што рекоа, се дека со тоа ќе се подигне нивото на транспарентност на законодавниот дом, а граѓаните ќе имаат целосна слика за работата на пратениците.

Што се однесува, пак, до втората фаза од „Програмата за парламентарна поддршка“, таа ќе ги подржи напорите на законодавниот дом за институционален развој, дијалог за политики, подобрување на функциите за надзор и за донесување закони, транспарентност и отчетност.

Во свето воведно обраќање на настанот по повод почетокот на втората фаза од ПСП, претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека оваа иницијатива е резултат на заедничката посветеност кон основните вредности – транспарентност, отчетност и граѓанско одлучување. Нашите цели во оваа фаза, рече Џафери, се амбициозни и суштински- да го зајакнеме принципот на контрола и баланс меѓу институциите, да го унапредиме законодавството и да го засилиме парламентарниот надзор над извршната власт.

 

 

Како што рече претседателот на Собранието, станува збор за создавање поголем простор за инклузивност при подготовката на законите, преку транспарентност, консултации и ангажирање на ранливите групи и на граѓанските организации. Станува збор, додаде тој, за редовно информирање на граѓаните за нивните права и одговорности во процесите на креирање на политиките.

По повод почетокот на втората фаза од „Програмата за парламентарна поддршка“  се обрати и амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Вероник Хулман,  нагласувајќи дека продолжувањето на овој проект е доказ за трајното партнерство меѓу Северна Македонија и Швајцарија.

Хулман истакна дека во наредните четири години фокусот ќе биде ставен на неколку главни столбови: Институционална реформа, како основа за поцврста законодавна рамка и за човечки ресурси; Политички дијалог, со цел поттикнување консензус и инклузивен процес на одлучување; Интегритет на политичките партии, во насока на етичко одлучувањеи одговорност во политичката сфера; Засилување на законодавната и надзорната функција на Собранието;  Транспарентност и одговорност за зајакнување на демократското ткиво на земјата.

На свеченоста во Собранието, вишиот резидентен директор на НДИ во Северна Македонија, Роберт Скот Хејзлет, им додели на претседателот Џафери и на генералната секретарка на Иванова признанија за посебен придонес за јакнење на парламентарната демократија.

Проектот, кој ќе трае до септември 2027 година, е имплементиран од Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ со институционални партнерства со Швајцарското федерално собрание, Европскиот Парламент, естонскиот Ригикогу, германскиот Бундестаг и Партнерството за отворена власт (ПОВ).