Путин пристигна во Белград

Сподели

Рускиот претседател Владимир Путин со задоцнување од час и половина пристигна во Белград со што почна неговата „историска посета“-како што најавија српските медиуми.

Тој со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ја оствари 14-та средба, од кои во Белград ова ќе биде нивна втора меѓусебна средба.

Белград е со досега невидени мерки на безбедност, со околу 7000 припадници на сите безбедоносни служби и околу 250 руски специјалци и три српски мига.

Сообраќајот во Белград е замрен, заварени се шахтите, распоредени се и повеќе снајперисти.

Рускиот претседател се вози низ белградските улици со својот „бункер на тркала“-аурус, еден од најзаштитените и најбезбедни автомобили во светот, специјално допремен од Москва за оваа посета.

Покрај претседателот Владимир Путин, во Белград е и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, како и првиот човек на агенцијата за вселенски истражувања, „Роскосмос“, Димитриј Рогозин.Покрај нив, во руската делегација се и повеќе министри, генералниот директор на „Руски железници“, ректори на три поголеми универзитети….

Од српска страна, покрај претседателот Вучиќ, во деклегацијата се премиерката Ана Брнабиќ, вицепремиерот и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и други министри.

Како што најавено, поладнево во Палата Србија каде ќе се одвива официјалниот дел на посетата ќе бидат потпишани 21 договор, вредни повеќе стотици милион евра, на полето на инфраструктурата, железниците, земјоделието, иновациите, образованието, дигитализацијата, реновирањето на хидроелектраната „Ѓердап 2“ и др.

Централна тема на средбата секако ќе биде Косово и подршка што и ја дава Русија на Србија, можното вклучување на Русија во косовскиот дијалог и воено-политичката неутралност на Србија, во поглед на НАТО.

Рускиот претседател во пресрет на оваа посета за весниците Политика и Вечерни Новости даде интервју во кое се осврна и на Македонија и притисокот кој се врши однадвор за нејзиното зачленување во НАТО, додека шефот на дипломатијата Серегеј Лавров го доведе во прашање легитимитетот на уставните измени во Македонија.

Останува попладнево на закажаната прес конференција да видиме дали Путин јавно ќе испрати пораки и за регионот, особено за Македонија по уставните измени и нејзиното зачленување во НАТО.

ФОТО: МИА