Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека е во интерес, како на Русија така и на САД, да се обноват врските меѓу разузнавачките служби на двете земји, јави ТАСС.
– Во наш заеднички интерес е да се обнови дијалогот со специјалните служби на САД и другите земји членки на НАТО, истакна Путин, на седницата на Федералната служба за безбедност.
– Треба да биде ставена на ново ниво соработката во антитерористичката сфера со странските партнери, и покрај комплексноста што се јавува во различни насоки на меѓународниот живот, нагласи Путин.
Тој додаде дека овој дијалог беше прекинат и дека не се развива, но не по руска вина.
– Апсолутно е јасно дека во сферата на антитероризмот треба да соработуваат сите одговорни држави и меѓународни здруженија, бидејќи дури и обичната размена на информации за каналите и изворите за финансирање на терористите, соучесниците или осомничените за поврзаност со тероризмот, сериозно ја засилува ефикасноста на нашите заеднички напори, потенцира рускиот претседател.
Во исто време тој изрази мислење дека со нејзините дејствија НАТО постојано ја провоцира Русија и се обидува да ја вовлече во конфронтација.
Според него, со таква цел се прави и континуирано проширување на Алијансата, со забрзување на процесот на распоредување на стратешко и конвенционално оружје надвор од националните граници на кои не влегуваат нејзините земји.
Тој посочи дека на средбата на врвот на НАТО во Варшава минатата година, „првпат од 1989 година Русија била прогласена за основна закана за безбедноста на Алијансата“.
Путин нагласи дека минатата година биле прекинати активностите на речиси 440 кадровски соработници и агенти на странските тајни служби.
Тој изрази и задоволство оти повторно се намалил бројот на злосторствата од терористички карактер во земјата, за што изрази благодарност до вработените во Федералните служби за безбедност.