Рама во Белград повторно ја повика Србија да го признае Косово

Сподели

vucik-rama

Премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е во посета на Белград, денеска повторно ја повика Србија што поскоро да го признае Косово. Тој истовремено посочи дека силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина.

– Косово е прашање за кое во целост не се согласуваме, бидејќи мојот став е дека што поскоро Србија го признае Косово, тоа е подобро за сите. Но, истовремено, постои процес кој во целост го поддржувам, а тоа е дијалогот, како многу важен елемент на кој ќе се базира моќта во иднина – рече Рама за време на дебатата за српско-албанските односи, во која учествуваше заедно со својот домаќин, српскиот премиер Александар Вучиќ.

Рама и Вучиќ заедно го отворија 6. Белградски безбедносен форум, со дебата за иднината на српско-албанските односи и за стабилноста на Југоисточна Европа. Двајцата се согласија дека, и покрај несогласувањата, неопходно е Белград и Приштина да го продолжат дијалогот.

Рама и Вучиќ разговараа и за мигрантската криза, а албанскиот премиер ја пофали Србија, истакнувајќи дека иако не е членка на Европската Унија, во справувањето со кризата се „однесува на многу поевропски начин од многу европски земји“.

Двајцата премиери се согласија дека членството во ЕУ е стратешка цел на двете земји, кои треба да продолжат да работат на градење на меѓусебната доверба.

По учеството на безбедносниот форум, Вучиќ и Рама тет-а-тет разговараа за зајакнувањето на политичката и особено на економската соработка и за заедничките инфраструктурни проекти, како што е автопатот Ниш – Приштина – Тирана – Драч.

Рама денеска во Белград треба да се сретне и со лидерите на албанските политички партии од југот на Србија, а ќе има обраќање и на промоцијата на српското издание на неговата книга „Жртвување“. Утре Рама, заедно со Вучиќ, ќе учествува на првиот српско-албански економски форум во Ниш.

meta.mk