Рашковски дава пример како не треба да се однесува висок претставник на Владата кон новинарите

Сподели

 

Непримерениот и дрзок однос проследен со закани за тужби за клевети кон новинарите ја засенија денешната прес-конференција која ја одржа Драги Рашковски, Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија. Ваквите директни закани за иницирање на судски постапки кон новинари од страна на високи претставници на Владата претставуваат притисок кон новинарите што може да резултира со самоцензура.

Генералниот секретар на Владата потребно е да знае дека со неодговарањето на новинарски прашања на прес-конференцијата, која тој самиот ја организираше, но и со дрскиот однос кон поедини новинари кои беа присутни на овој настан, го нарушува и концептот на отвореност и транспарентност која Владата се обидува да го застапува.

Го потсетуваме Рашковски дека доколку е незадоволен од етичките стандарди на конкретен новинарски или медиумски производ, тогаш тој може да упати претставка до медиумските саморегулаторни тела.

Високите претставници на Владата, но и воопшто јавните личности кои се дел од политичката сцена, потребно е да имаат повисок праг на толеранција кога кон нив се упатува критика од страна на новинарите. Тие е потребно да знаат дека тужбите за клевета и навреда кон новинарите претставуваат непопуларен метод кој се користеше во минатото, а тоа негативно се одразуваше на слободата на изразувањето и придонесуваше Македонија да биде ниско оценувана на светските индекси за слободата на медиумите – се вели во реакцијата на ЗНМ.