Дури 840 амандмани стигнале до собраниската Комисија за финансирање и буџет, во која денеска ќе почне расправата за ребалансот на буџетот.
Поради ребалансот на буџетот, беше прекината шестата собраниска седница во моментот додека се расправаше за предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, поради приоритетниот третман на прашањето за буџетот.
ВМРО-ДПМНЕ бара во преправениот буџет да се обезбедат пари за гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар, како и за продолжување на гасоводот од Битола преку Ресен и Охрид до Струга и за гасификација на Скопје. Со амандманите се бара и обештетување на охриѓани кои имале материјални штети од земјотресите, како и пари за нови 50 електрични автобуси за Скопје и нова гимназија во Аеродром. Опозициската партија бара и пари за проектот „Купи куќа – купи стан“, како и за два кружни тека на булеварот Св. Кирил и Методиј – едниот кај поранешна „Нова Македонија“, а другиот на почетокот на булеварот, пред подвозникот кон Пржино.
Со ребалансот ќе има четириесет и седум милиони евра помалку за трошење. Од СДСМ велат дека се скратени непотребните трошоци, а парите се враќаат назад кон граѓаните.
Од сите министерства со ребалансот, најголемо е кратењето кај Министерството за образование и наука за цели 21 милион евра. И полицијата до крајот на годината ќе има 6,7 милиони евра помалку за трошење.