Живееме во зачмаено простачко време кога антикомунистичките вампири имаат граѓанско право, кога некромантијата на Ото Риле, Мусолини, Гебелс, Черчил, Попер или Макарти се изучува низ училиштата и универзитетите како врвно умствено достигнување, кога Malleus Maleficarum на Хајнрих Крамер е поважна за разбирање на општествените настани од „Држава“ на Платон и „Политика“ на Аристотел заедно, кога умешноста на читање на хороскопите и умешноста за хиромантичко пророштво е поважно за разбирање на судбината на човештвото од „Капиталот“ на Карл Маркс, кога записите на Нострадамус и Карлос Катанеда се померодавни за сфаќање на стварноста од делата на Декарт, Хегел, Ниче, Фром, Дерида…
Во едно такво блесаво и малоумно време, сите, или скоро сите, веруваат во секакви апокалиптични и сензационалистички глупости: сеопшт потоп, златна грозница, нова голема преселба на народите, расна или национална надмоќ, нова крстоносна војна… Сето таа апокалиптична атмосфера го создава, храни и негува фанатизмот на толпата, што, пак, ги овозможува авторитаризмот, популизмот и фашизмот.
Ние во Македонија се наоѓаме во сопствена, специфична зона на масовно лудило и хистерија, во зона на сеопшта психоза за демонското потекло на секоја антипортокалова појава, што пак е условено од заостанатоста на свеста и жестоката портокалова пропаганда… Дури и самиот јазик, сиот јавен дискурс се идеолошки маринирани во национализам, етноцентризам, реваншизам, фашизам… Оттука, внесувањето на портакаловата мистика и спиритуализам во македонската политика е нешто како природна надградба на општиот десничарски демохристијански идиотизам.
Антрополошкиот функционализам на Бронислав Малиновски, по кој магијата е целисходна активност и е поврзана со човечките инстикти, потреби и стремежи, кај нас доби општествено-политичка верификација, односно политичка примена. Имено, шаманите ги учат нашиве владеачи и нивните поддржувачи дека моралот е измислица на мрачните комуњарски сили, па оттаму воопшто не треба да се обрнува внимание на него, туку дека е важна само дистрибуцијата на профитот. Затоа за нив, се чини дека најважната задача на политиката е да се ограбува сопствениот народ и сопствената држава. Човек може оправдано да се посомнева дека грабежот е неодбеглив и незаменлив окултистички елемент во водењето на демохристијанската политика.
Профетска политика детерминирана од гатачки, го втурна македонскиот граѓанин во вулгарен меркантилизам, клиентилизам и хедонизам. Оттука извираат и испаруваат најотровните мисли и предрасуди за сатанизирање и уништување на политичката опозиција како да е најлутиот непријател на овој свет. Веројатно под сугестија на гатачките и шаманите се дојде до генијалната идеја дека „цел свет е против нас“ и дека треба да се регрутираат фалангите од портокалеви иконоборци и фетишисти, за да ги одбранат од „бојадисување“националистички магиски симболи од антимакедонскиот проект „Скопје 2014“.
Дека атмосферата на средновековие која ја гради нашата власт не подлежи на нормални разумни претпоставки е непотребно да се докажува, бидејќи целата надградба од натприродни и антиморални идеали е поставена врз халуцинации како непорекливи нормални аксиоми. Тука кај нас сите научно-теоретски погледи, конструирани преку истражувањата и употребата на здравиот разум и логиката, се отфрлени од портокаловите полуписмени орди и се заменети со баење, гатање, молитви и егзорцизам на разни попови, оџи, шамани, гатачи и повикувачи на духови. Претскажувачите на иднината од ѕвездите и ветувачите на волшебни чуда за кои со нескриен сарказам пишувал Еразмо Ротердамски во својата „Пофалба на лудоста“, се враќаат на нашата политичка сцена како гатачи и демагози кои проповедаат дека општествен и професионален успех може да се постигне единствено преку послушност и покорност пред портокаловиот Пастир. Сè додека демонологијата, толкувањето на доброто и лошото низ портокалов визир на поддршка или противење на овоземското и надземското владеење на Пастирот, создаваат хаос во мислите и зборовите на обичните граѓани, Македонија тешко ќе доживее вистински прогрес. За прогрес, како прв чекор, нас ќе ни биде потребно сегашното политичко гатање при водењето на државата да го замениме со разум.