Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор” започна со спроведување на иницијативата „Активни, независни млади со попреченост подготвени за инклузивно вработување“, која предвидува опфат на повеќе од 100 лица со типичен и атипичен развој во Скопје, Тетово и Куманово.
Прва активност од оваа иницијатива е обуката за меки вештини за вработување за млади лица со попреченост која цели да придонесе овие млади лица да бидат активни учесници во економијата и конкурентни на пазарот на трудот. Лицата со попреченост се една од најранливите категории на граѓани, а стапката на невработеност кај овие лица е неколкупати повисока отколку кај лицата со типичен развој.
Во текот на месец ноември 28 млади со попреченост учествуваа на петдневната обука која им помогна да ги подобрат своите вештини за вработување и да се подготват за посакуваната работа.
„Преку учество во овие обуки за меки вештини, учесниците имаа можност да ја подобрат меѓусебната комуникација и тимската работа, да се запознаат со основите на финансиската писменост и законската регулатива при вработување на лицата со попреченост, како и да стекнат вештини со кои лесно ќе се прилагодат во новата работна средина. Во текот на обуката, со учесниците се симулираше процес на интервју за работа, пополнување на апликации за работа, а се стекнаа и со вештини за подготовка на CV и мотивационо писмо“, истакна Сузана Киранџиска, Извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“.
Активното вклучување на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот е од особена важност за нивна инклузија. Отстранувањето на бариерите што постојат во ставовите и во околината овозможуваат тие активно да придонесуваат кон општествениот развој. Можностите и подготвеноста за вработување е еден од клучните фактори за лицата со попреченост да водат активен и независен живот, добивајќи можност да ги искористат своите потенцијали.
Иницијативата „Активни, независни млади со попреченост подготвени за инклузивно вработување“ има за цел да ја зголеми вработливоста на младите со попреченост, да го подобри нивото на разбирање, свесност и инклузивност на нивните средни училишта и да придонесе кон сензибилизирање на бизнис заедницата и локалните власти за нивните потенцијали за придонес кон локалниот раст и создавање на инклузивни заедници.
Овaа иницијатива е организирана во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC), во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум.