Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најостро реагира на насловната страница на дневниот весник „Слободен печат“ од 30.11.2017 година.
“Згрозени сме од објавената фотомонтажа за која не сакаме да веруваме дека е дел од некаква друга агенда, која има други цели. Не веруваме дека несвесно „Слободен печат“ се втурнува во една пропаганда, која наликува на почетоците на „Völkischer Beobachter“, од триесеттите години на дваесеттиот век.”
Сметаме дека со фотомонтажата извршена со вметнување на фотографија од доделувањето на „Орден за заслуги за Македонија“ на Македонската опера и балет, по повод јулилејот 70 години од основањето на МОБ, врз фотографија од настаните од 27-ми април и вметнувањето на свастиката, како наци-симбол, врз македонскиот „Орден за заслуги за Македонија“ свесно се посегнува по следното:
1. Рушење на угледот на институцијата Претседател на Република Македонија,
2. Омаловажување и деградација на одликувањата и признанијата на Република Македонија како симболи на признание што се доделуваат за дела што заслужуваат општо признание,
3. Грубо кршење на уставно загарантираното право на презумпција на невиност на г. Игор Дурловски,
4. Обид за создавање искривена перцепција во јавноста, преку манипулативно направена конструкција, која не кореспондира со фактите и вистината.
Својственото и карактерно однесување на г. Героски за умилкување на сегашната власт на јавноста одамна и е разбирливо. Но, недозволиво е личните фрустрации и комплекси да стануваат јавни преку злоупотреба на весникот „Слободен печат“.
Изненадува и фактот што ваквиот потег на „Слободен печат“ доаѓа по одржаната средба на претседателот Иванов со Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Никола Груевски, која имаше цел да поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во државата и на која се разговараше за можни решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата, што предизвикува загриженост кај граѓаните.
Спротивно на заложбите на македонскиот претседател, сметаме дека објавата во „Слободен печат“ придонесува кон развивање чувства на нетрпеливост кај граѓаните, чувства на реваншизам, на страв и несигурност, како и поттикнување на насилство, со што „Слободен печат“ целосно потфрли во улогата на еден демократски медиум.
Дополнително, цениме дека со објавената фотомонтажа на насловната страница на „Слободен печат“ не само што се уриваат критериумите за професионално и објективно новинарство, не само што се прекршуваат новинарските начела и кодекси, туку претставува голем срам за новинарската професија во Република Македонија.
Очекуваме од сите новинарски здруженија, во најмала рака, да биде осуден ваквиот пристап на весникот.
Бараме од весникот „Слободен печат“ јавно да се извини на граѓаните на Република Македонија, на институцијата Претседател на Република Македонија, на институцијата Македонска опера и балет, како и на г. Игор Дурловски.
Бараме оваа наша реакција во целост да биде објавена во соодветен формат во дневниот весник „Слободен печат“.