За осудата на Здравко Савески и Владимир Куновски: Правото мора да ѝ служи на правдата

Сподели

 

По повод условна затворска казна од 6 месеци за Здравко Савески и Владимир Куновски, за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кои се осудени за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, реагираше Хелсиншкиот комитет. 

“Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува незадоволство и разочарување од пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која е изречена условна осуда од 6 месеци затвор за обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски, кои воедно се задолжени солидарно да платат износ од половина милион денари за материјалната штета предизвикана од кршењето на претседателската канцеларија за време на протестите на Шарената револуција.

Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на СЈО и неколкумина политичари од тогашната опозиција. Оваа одлука на претседателот беше дочекана со жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот. Репресивниот полициски апарат на тогашната власт веднаш ја покажа својата жестокост, но и селективност во справувањето со демонстрантите. Од целата толпа – шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а обвинителството брзо спреми обвинителни акти за водење судски кривичен прогон.

Од една страна, казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми проневерени буџетски средства, политичка репресија или незаконито следење на граѓаните. Од друга страна, за граѓани што се одважија и се спротиставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам.

Со оваа пресуда судовите фактички испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел – демократијата и владеењето на правото, треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава. Сметаме дека е поразително тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава. Правото мора да ѝ служи на правдата”, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

 

 

“Знаевме дека ќе бидеме осудени затоа што судиите мораа да испорачаат резултати”, вели Владимир Куновски за ТВ 24. Тој тврди дека пресудата е донесена во незаконска постапка, а полициски службеници го малтертирале неговото семејство со закани. 

 

 

За Савески, осудителната пресуда е пример како судиите одработуваат по партиска задача тотално занемарувајќи го правото на обвинетите да се бранат.

„Кога некој ќе проба да ви кажува дека имало демократија, правна држава или правда во Македонија, исмејте му се во лице. Ова што нас ни го направија не е никаков исклучок, туку само уште еден од редицата примери колку е гнил правниот и политичкиот систем. Ми се гади од нив“, напиша Савески на својот ФБ профил.