Референдум 2018: Издвоени 1,3 милиони евра за кампањата

Сподели

Милион и триста илјади евра ќе легнат на посебната трансакциска сметка на Законодавниот дом за референдумската кампања. Ова е решението откако законодавниот дом и официјално со допис побара од Владата да му обезбеди финансиски средства за да може да ја води кампањата. Иако првично се предвидуваше да се собираат средства од сите министерства за пренамена сепак  кампањата ќе се води од Државниот буџет. Право на овие средства имаат сите пратеници кои ќе водат кампања за, против или бојкот.

„На денешната, 84-та редовна седница, Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија“ – Влада на Република Македонија.

Вкупната сума се дели на сите 120 пратеници. Односно согласно формулата број на пратеници делено на 120 по 80 милиони денари. Оние кои нема да учествуваат –  средствата кои ги следуваат остануваат во буџетот. Ако е јасно дека 70 пратеници се изјаснат За референдумското прашање тоа би значело дека тие вкупно ќе добијат 46, 4 милиони денари.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак се уште не одлучиле како ќе ја водат кампањата и за тоа ќе треба да го известат собранискиот спикер Џафери. Сепак пратеникот од ГРОМ Панчо Минов кој е дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ  во изјавата за медиумите го пренесе неговото лично мислење и рече дека главниот збор треба да им се остави на граѓаните Тој вели во кампањата ќе учествува од собраниската говорница.

„Моето мислење е да ги оставиме граѓаните, а и таква кампања да има, тие слободно и демократски да си оценат за својата излезност и евентуално за одлучување за референдумското изјаснување“, вели  Панчо Минов – ГРОМ

Во текот на денот не се исклучува можноста и собранискиот спикер Џафери да исконтактира и со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На денешната координација тој се сретна со  потпретседателите на Собранието и претставници на дел од политичките партии.