Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја презентираа декларацијата за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, составена од 8 столба. Декларацијата го носи името „Европска ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија
-Ова е нашата визија каква ќе биде реформираната ВМРО-ДПМНЕ. Убедени сме дека реформирана со вакви вредности ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката од граѓаните за подобар живот за сите – изјави Александар Михајлоски.
Првиот столб на декларацијата е одговорно управување – целиот капацитет на партијата ќе се стави во служба на граѓаните.
Вториот столб е личната слобода и слободата на општеството – ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори ревносно за целосна слобода на говорот, на медиумите, на критичката мисла и слобода на изразувањето.
Третиот столб се однесува на културата на законитост, а четвртиот – политички дијалог.
Интеграцијата во ЕУ и НАТО е петти столб. Реформаторите велат дека ќе ги искористат сите капацитети за да се исполнат критериумите за евроинтеграциите.
Како шести столб се нотира економскиот развој, со кој ќе се промовираат политиките на ниски даноци и подобрување на стандардот на граѓаните.
Седмиот столб на декларацијата ќе биде образованието и културата, а последниот столб се фокусира на здравството и животната средина.
Реформаторите тврдат дека многу членови на партијата масовно се приклучуваат кон иницијативата за реформи и дека веќе илјадници потпишале изјави за прифаќање на декларацијата.
-Сакавме со оваа декларација да направиме јасна разлика меѓу политиките на реформираната ВМРО, кои ќе носат прогрес, и политиките на актуелната ВМРО-ДПМНЕ, кои се веќе минато. Тоа беа политики на ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда и политики на креирање лажни вести со цел ширење страв и параноја кај македонските граѓани. Ние мора да расчистиме со тие политики. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не се реформира, таа никогаш нема да се врати на власт. Ние имаме лидер со одземен пасош, изолиран од меѓународната заедница и човек за кој се водат судски постапки. Со кој капацитет ќе ја води партијата во иднина и како ќе настапи на локалните избори со товарот што го носи – запрашаа реформаторите.
Во однос на локалните избори, тие најавија дека ќе разговараат во штабот, по што ќе излезат со конкретен став.