Регионален семинар за ЈИЕ „За заедничка проценка на закани поврзани со организиран криминал”

Сподели

 

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со свое обраќање, заедно со амбасадорот на Француската Република во нашата земја, Н. Е. Сирил Бомгартнер,  го отворија дводневниот регионален семинар за Југоисточна Европа „За заедничка проценка на закани поврзани со организиран криминал”, во организација на Амбасадата на Француската Република во Република Северна Македонија.

 

 

Целта на семинарот е споделување на методологиите што се користат за спроведување на проценки на закани поврзани со организираниот криминал и во служба на репресивните стратегии и казнената политика.

 

 

Министерот Спасовски, упатувајќи благодарност до Амбасадата на Француската Република за организирањето на овој регионален семинар, кој ќе придонесе за зацврстување на регионалната соработка, како предуслов за владеење на правото и зајакнување на демократските процеси во нашите држави, истакна: „За Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, но и за сите институции во државата надлежни за спроведувањето на законот, сузбивањето на организираниот криминал претставува врвен приоритет, со енергичен и ефективен однос во неговото дејствување. За таа цел, во МВР се одвиваат интензивни процеси за зајакнување на институционалните капацитети на специјализираните единици, преку развивање и имплементација на современи методологии на работа и стандарди, како и континуирани обуки. Таквиот систематски пристап веќе дава резултати преку ефикасно сузбивање на повеќе организирани криминални групи од  национален и меѓународен карактер”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски посочи дека во борбата против комплексните и специфичните форми на криминал неопходно е да се согледаат нивните конкретни модалитети, појавните облици, обемот и последиците, па следствено на тоа, да се проценат реалните закани кои може да се очекуваат во иднина. Притоа, Спасовски ги потенцираше низата стратешки документи во кои се препознаени заканите и ризиците со кои се соочува нашата држава:

Меѓу нив се СОКТА 2021 – „Националната проценка на закани од сериозен и организиран криминал“, националните стратегии за дроги, за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, за  сајбер безбедност, која во целост е развиена согласно Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ, како и политиката и заложбите за сајбер безбедност на НАТО за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување во корист на граѓаните, бизнисот и јавната администрација, потоа националните стратегии за контрола на мало и лесно оружје, за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, за компјутерски криминал, за понатамошен развој на капацитетите на криминалистичка техника на регионално и на локално ниво, изработена во рамки на проектот „Понатамошен развој на капацитетите за истрага на местото на злосторството“ -ИПА 2014.

 

 

Според министерот Спасовски ефикасната борба против криминалот зависи и од блиската соработка помеѓу органите за спроведување на Законот, преку идентификување на заеднички приоритети за соработка – но секако, тука клучно влијание има и постоењето на националните приоритети, а препознаена е и заедничката потреба за регионален пристап. Особено имајќи ја предвид економската состојба во сите земји од регионот, како и „порозноста” на границите која произлегува од географските карактеристики на теренот, кои продуцираат криминални активности од најразличен вид.

„Со оглед на тоа што безбедносната ситуација во земјите од Регионот, овде пред сѐ мислам на Балканската рута како индикатор за постоењето на криминални активности и присуство на криминални групи, се рефлектира врз безбедносната состојба на самата Европска Унија, идентификувана е  заедничка потреба за Регионален пристап со цел дефинирање  на специфичните закани против нејзините земји членки”, рече министерот Спасовски, при што ги истакна областите високо на агендата на службите кои го спроведуваат законот и за кои се бележат резултати од спроведени зајакнати акциски контроли, како борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, криумчарењето на мигранти, недозволената трговија со дрога.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски изрази убеденост дека процесот на прилагодување кон новите трендови кои секојдневно ги наметнуваат организираните криминални групи е неизбежен и клучен кога станува збор за ефикасен одговор на наметнатите предизвици.

„Искрено верувам дека овој семинар ќе придонесе кон градењето доверба меѓу нашите земји и служби, што е неопходно за успешна регионална соработка”, подвлече министерот Спасовски.