Регионална конференција: Унапредување на родовата еднаквост во парламентите

Сподели

 

“Дозволете да изразам лично задоволство што можам да ве поздравам од име на Собранието и во мое лично име сите присутни на оваа регионална конференција во организација на Клубот на пратенички при Собранието а со несебична поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје”, изјави претседателот Џафери на Регионалната конференција: Унапредување на родовата еднаквост во парламентите.

 

 

” Република Северна Македонија, има воспоставено цврста рамка за унапредување на родовата еднаквост во јавното и политичкото живеење и е дел од сите важни меѓународни политики за родовите прашања како што е Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, па Пекиншката платформа за акција на Обединетите нации, Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на човековите права и основни слободи и Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Постои волја за спроведување реформи со цел јакнење на парламентарната демократија и унапредувањето на родовата сензитивност. Тоа го потврдува и ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права при ОБСЕ, која ги признава реалните заложби и значителните достигнувања за обезбедување на родова еднаквост и со закон и во пракса, за да се зајакне правната основа.

Оваа година во Собранието се одржа и Првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост која верувам дека ќе стане традиционална. Со неа одбележавме исклучително значаен јубилеј, 20 години од основањето и функционирањето на Клубот на пратенички. Како законодавен дом и со несебични заложби на пратеничките од сите парламентарни состави, сме усвоиле исклучително значајни законски измени кои одеа во насока на изедначување, подобрување, заштита, унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член во општествената заедница. Донесени се неколку Национални стратегии со кои се настојува да се покријат сите сфери во кои се чувствува нееднаквоста, дискриминацијата, ексклузивноста на мажите наспроти жените и тие настојувања продолжуваат секако и со последната, можеби и најважна новина, а тоа е Родово одговорното буџетирање. Донесен е и вториот План на активности за унапредување на родовата сензитивност за 2022-2023 година и направени се предлог измени на систематизацијата со воведување на позицијата советник за родови прашања.  Во тек се и активности во насока на измени на Деловникот за работа на Собранието во кој, убеден сум имајќи ја предвид конструктивноста на сите колеги членови на Работната група, дека и пристапот кон родовиот аспект ќе се разгледа и претрпи измена. Јас верувам дека, имајќи ја предвид сериозната посветеност и на сите присутни колешки тука, меѓутоа и на партнерските организации и нивната сестрана ангажираност, ќе имаме решенија со кои ќе надминеме дел од реалните ситуации во областа на родовата сензитивност во законодавниот дом. Планот секако дава добра основа. Потребна е понатамошна промоција на различностите во работата во Собранието како работно место, потоа и во законите коишто ги донесува Собранието. Од исклучително значење е и зголемувањето на поддршката на колегите пратеници за прашањата за родот и различностите. При тоа, не мислам само на бројчано зголемување, мислам на квалитативен придонес и конкретна заложба за да имаме вистински модерен и родово сензитивен парламент. А тоа, според дефинирањето на Интер-парламентарнатa унија e оној парламент кој ги задоволува потребите и интересите и на мажите и на жените во рамките на својот состав, структури, постапки и методи на работа. Ги отстранува пречките, било да се структурни, суштински или културолошки за целосно учество на жените и дава позитивен пример за општеството во насока на родовата еднаквост и охрабрувањето на жените на национално и меѓународно ниво. Тоа не е само место каде жените можат да  работат туку и место каде што сакаат да работат. Има огромна разлика помеѓу овие два поими, затоа што кога работата е задоволство, тогаш имаме подобри резултати, односно поефикасен, поефективен и полегитимен парламент, задоволни вработени, следствено, и среќни семејства.

Треба да се насочиме кон градењето на солиден и конзистентен механизам за проценка на влијанијата од предлог законите врз родот и различностите, на подобрувањето на механизмите за инклузивно учество на јавноста и обезбедувањето ресурси за постојните тела во чиј делокруг е вршењето на таквата проценка. Составот на работните тела да го отсликува составот на Собранието, а Кодексот за етичко однесување на пратениците, Законот за заштита од вознемирување на работното место и Законот за спречување и заштита од дискриминација да бидат доследно спроведени при постапувањето по приговори. За тоа е потребен зајакнат надзор над имплементацијата на законските одредби и градење на висока свест кај спроведувачите на одредбите дека тоа е во полза на сите граѓани, не само на жените во општеството. Јас Ви посакувам успешна работа на Конференцијата”