Регулаторна комисија одлучи – исклучените од парно нема да плаќаат паушални сметки

Сподели

Регулаторната комисија за енергетика конечно ги објави новите правила за снабдување со топлинска енергија.

Исклучените од системот за парно греење во Скопје од следниот месец нема повеќе да ги плаќаат паушалните сметки. За корисниците на парното пак, од 1. август се воведува нов начин на пресметка на сметките. Регулаторот тврди дека најновите одлуки нема да влијаат негативно врз конечната цена на топлинската енергија.

„Исклучените од 1.април, од априлските сметки понатака ќе немаат обврска да плаќаат фиксен надоместок, како што беше досега. За останатите приклучени потрошувачи, со цел да излеземе во пресрет и на нивните барања, ангажираната моќност којашто досега ја има во сметките и претставува проблем на приклучените потрошувачи не може соодветно да пресметаат колкав е нивниот трошок за топлинска енергија, од први август ја укинуваме и ќе воведеме друг начин на пресметка на фиксните трошоци“, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Здружението граѓани „Но Пасаран“ кои со години протестираа поради тоа што плаќаат за услуга која не ја користат, велат дека новите правила кои се направени по анализата на МАНУ, се само потврда дека цело време биле во право.

Домаќинствата кои ќе сакаат да се исклучат ќе треба да побараат и дозвола од 50% плус еден граѓанин од станарите кои живеат во зградата.

Во Скопје повеќе од 12 илјади домаќинства се откажаа од парното греење, но со години плаќаа паушални сметки.