На денешното судење обвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, а Катица Јанева и Бојан Јовановски изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Полномошникот на Јордан Камчев рече дека Камчев се приклучува кон обвинението и бара оштета од 1,5 милиони евра.
Судот на почетокот на рочиштето не ги прифати предлозите на одбраната за издвојување на аудио доказите од телефонот на Јордан Камчев и видео материјалите од Боки 13, како и за одржување на подготвително рочиште за подобро запознавање на предложените докази и произнесување на одбраната по нив.
Обвинителката Вилма Рускоска рече дека за ова кривично дело не може да има оштетени, може да има само сведоци во постапката.
Судот го извести полномошникот на Камчев дека во постапката може да присуствува како јавност и дека доколку смета може да поднесе постапки за оштета.
Бојан Јовановски рече дека го разбрал обвинението, но оти не се чувствува виновен за двете кривични дела.
Катица Јанева исто така го разбрала обвинението, но не се чувствува виновна.
Зоран Милевски рече дека го разбрал обвинението, доброволно признал и се чувствува виновен. По признавањето вина од Кичеец судот ќе треба да донесе одлука за тоа каква казна ќе му биде изречена на овој обвинет.
По изјазнувањето на обвинетите, Судот даде дауза за техничко раздвојување на постапката за обвинетиот кој призна вина.