„Репортери без граници“: На 111. место Македонија е „лошото момче на Балканот“

Сподели

Најновиот извештај на „Репортери без граници“ ја рангира Македонија на 111. место според индексот на слобода и земјата ја нарекува „лошото момче на Балканот“.

Според „Репортери без граници“ слободата на медиумите е намалена во целиот регион, но ерозијата на владеењето на правото е највидлива во Македонија.

Од таму потенцираат дека клевета била отстранета од кривичниот законик во 2012 година, но дека обвиненијата се замениле со приватни тужби, со можност за тешки парични казни и затворски казни за новинарите и сопствениците на медиумите.

„Имаше многу извештаи за закани, насилство, малтретирање и заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016 година, но само неколку од одговорните беа гонети. Политичката нестабилност влијае на работата на новинарите и притисокот од владејачката партија ги натера некои од медиумите самите да се цензурираат“, се вели во најновиот извештај.

Македонија со 111. место е последна од сите земји во регионот. Србија е на 66. место, Босна и Херцеговина на 65. место, Хрватска на 74, Албанија на 76, Косово на 82, Грција на 88 и Бугарија на 109.

На прво место според индексот на слобода е Норвешка, на второ Шведска, на трето Финска, на четврто Данска, на петто Холандија, а потоа следуваат Костарика, Швајцарија, Јамајка, Белгија и Исланд.

meta.mk