Решавање на проблемите на неевидентираните во матичната книга

Сподели

 

Денеска учествував во надзорна расправа на тема „Примената на законските одредби на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени“ пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
 
Овој закон, во моментот кога беше донесен (февруари 2020) на предлог на МТСП, понуди можности за решавање на проблемите со кои се соочуваа лицата кои се неевидентирани во матичната книга на родени преку евидентирање во посебна матична книга на родени. Со тоа овој закон овозможи рамка со која им се овозможува на овие лица добивање на Извод од посебната матична книга на родени и Идентификациона исправа, што е за нив посебно битно за да можат да си ги остварат правата на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон, до дополнителен упис во Матичната книга на родените и добивање на прв Извод од Матичната книга на родени, согласно закон.
 
Имено, Министерството за внатрешни работи постапува врз основа на барање на лицето запишано во Посебната матична книга на родени, која се води во Управата за водење на матичните книги и доставен Извод од посебната матична книга на родени, при што издава Идентификациона исправа, најдоцна во рок од 15 дена од денот на доставувањето на барањето од страна на граѓанинот.
 
Таа го содржи Евиденциониот број кој го определува Управата за водење на матичните книги, кој го има истото значење како матичниот број на граѓанинот, при остварување на правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително осигурување, согласно со овој закон.Идентификационата исправа се издава со рок на важење од пет години, со можност за продолжување до дополнителниот упис во матична книга на родените согласно Законот за матичната евиденција, а кога тоа ќе биде завршено, идентификационата исправа се поништува.
 
Колку за илустрација, Министерството за внатрешни работи до 30.01.2023 година има издадено вкупно 124 идентификациони исправи за неевидентирани лица во матична книга на родени, односно навремено постапува по сите барања доставени од страна на Управата за водење на матичните книги.
 
Веќе е формирана меѓуресорска работна група во која учествуваат претставници од сите надлежни институции, меѓу кои и претставници од МВР и УНХЦР, со задача да изготват нов предлог Закон за матичната евиденција. Носител на новиот предлог Закон за матичната евиденција е Министерството за правда, кое ги координира активностите на оваа работна група.
 
Целта на севкупниот процес е да се евидентираат сите лица кои се родени на територија на Република Северна Македонија, односно да нема лица кои се родени во државата, а не се евидентирани во матичните книги на родени.
Уверен сум дека со новото предлог законско решение ќе се надминат слабостите на кои укажа практиката, ќе се зголеми ефективноста на процесот, ќе се придонесе за навременост и конечно регулирање на граѓанскиот статус на неевидентираните лица, остварување на нивните права и нивна општествена интеграција, изјави денеска министерот Оливер Спасовски.