Решението за куќниот притвор на Талески загубено на пат за Битола

Сподели

taleski-2

Четврт ден решението за куќен притвор на градоначалникот Владимир Талески патува од Скопје до Битола.

„Нема се уште ништо“, гласи пораката што портпаролот на битолската полиција ја испрати на прашањето на „Мета“ дали решението за куќен притвор за битолскиот градоначалник конечно стаса до битолската полиција.

Додека полицијата во Битола тврди дека решение не добиле за притворање на градоначалникот Талески, Паола Божиновски, портпарол на Кривичниот суд – Скопје тврди дека решението е испратено и оти за тоа имаат потврда. Адвокатот на Талески, Никола Додовски, исто така потврди дека го добиле решението и додаде дека истото веќе е обжалено.

Од судот велат дека по жалбата на адвокатот на Талески, судот може да одлучува во наредните 24 часа односно, плус 48 часа, што значи дека најдоцна по жалбата на битолскиот градоначалник судот би се изјаснил до вторник.

Куќниот притвор за Талески уште повеќе ги подели граѓаните во Битола. Додека едни со месеци бараат негова оставка, во последните два дена приврзаниците на Талески се собираат за негова поддршка. Синоќа група на граѓаните се собраа во близина на улица „Бонде Скерлевски“ каде се наоѓа еден од становите на Талески со обвинувања дека се врши политички линч против градоначалникот и дека тој не е виновен за товарот кој на грб му го става Специјалното јавно обвинителство за проневера на 360.000 евра пари од бесплатниот школски превоз.

– Собрани сме да дадеме поддршка за градоначалникот и да кажеме дека единствен аболиран политичар е господинот Зоран Заев. Знаеме каква е политичката состојба и ако некој треба да биде обвинет, треба да биде господинот Зоран Заев – рече битолчанката Силвана Блажевска.

Неофицијални извори од битолската полиција велат дека структури од полицијата во Битола намерно не постапуваат по решението за куќен притвор на Талески, се додека не се изјасни Апелацискиот суд по жалбата на осомничениот градоначалник.

Правници кои ги консултиравме наведуваат дека решението на судот за притворање на Талески е извршно и жалбата не го одлага постапувањето по него. Жалбата не го одложи, ниту куќниот притвор за секретарот на општината Слободан Бончановски.

Инаку, Талески го нема во јавноста од четвртокот, кога последен пат бил на работа.

Решението за куќниот притвор на Талески, загубено на пат за Битола