Љубителите на старото добро кино од 20 до 28 октомври, во Кинотека на Северна Македонија ќе имаат уникатна можност да ја проследат реставрирани италијански филмови во рамките на НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ 2019. Се работи за наслови кои се снимени во распон од почетокот до крајот на 20-ти век.
Втората вечер на НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ 2019, пак, ќе се одвива во посебна атмосфера. Проекцијата на исклучителниот филм КАБИРИЈА од 1914 г. – кој бил инспирација и за пионерот на американската кинематографија Дејвид В. Грифит за неговите епски остварувања – ќе биде проследена со музика во живо во изведба на Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија.
Неделата на италијански реставрирани филмови ги содржи и дебитантскиот филм на Бернардо Бертолучи, МРАЧНИОТ ЖЕТВАР од 1962 година, но и неговиот можеби најконтроверзен филм, ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ, реализиран една деценија подоцна. Во Неделата на италијански реставрирани филмови ќе можеме да го видиме и новиот живот на класичните дела на големите мајстори на филмот како ТОЛКУ СЕ САКАВМЕ и ТЕРАСАТА на Еторе Скола (Ettore Scola), ИТАЛИЈАНЦИ ДОБРИ ЛУЃЕ на Џузепе де Сантис (Giuseppe De Santis), ЦРВЕНИОТ ТЕРЕН на Нани Морети (Nanni Moretti), како и првиот американски филм на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани (Paolo Taviani, Vittorio Taviani), ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН.
Еве ги деталите за реставрираните италијански филмови:
20 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.,ТЕРАСАТА (La terrazza), Игран филм, Италија / Франција, 1980, 150 мин., колор, ДЦП
Режија: Еторе Скола (Ettore Scola)
Сценарио: Аџеноре Инкрочи, Фурио Скарпели, Еторе Скола (Agenore Incrocci, Furio Scarpelli, Ettore Scola)
Улоги: Виторио Гасман, Уго Тоњаци, Жан-Луј Трентињан, Марчело Мастројани, Стефанија Сандрели, Карла Гравина (Vittorio Gassman, Ugo Tognazzi, Jean-Louis Trintignant, Marcello Mastroianni, Stefania Sandrelli, Carla Gravina)
Скапи вина, трпеза преполна со храна, но луѓето празни – одвнатре. Сите престанале да се развиваат, и се држат до своите замислени и закоравено зацртани улоги во животот. ТЕРАСАТА е болна а сепак смешна приказна за човековиот развој како единка и колектив…
Критичарите го оценија филмот ТЕРАСАТА како симпатичен, интелигентен и политички ангажиран филм. Еден од најдобрите италијански режисери на сите времиња ангажирал одлични актери – и на публиката ѝ го прикажува патувањето на страсните, но огорчени пријатели кои се осмелиле да се борат за своите верувања. ТЕРАСАТА изобилува со неверојатни реплики за правото на секое човечко суштество на среќа и љубов.
Филмот освои две „Златни палми“ на Канскиот филмски фестивал во 1980 година – за сценарио и за споредна женска улога (Карла Гравина). Филмот е реставриран во 2015: CSC-CINETECA NAZIONALE IN COLLABORATION WITH DEAN FILM AND EFFECTUATED AT RUMBLEFISH VFX LABORATORIES IN MILANO.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
21 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч., КАБИРИЈА (Cabiria), Игран филм, Италија, 1914, 148 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Џовани Пастроне (Giovanni Pastrone)
Сценарио: Џовани Пастроне (Giovanni Pastrone)
Улоги: Каролина Катена, Емилио Варданас, Италија Алмиранте-Манѕини, Лидија Кваранта, Бартоломео Пагано (Carolina Catena, Emilio Vardannes, Italia Almirante-Manzini, Lidia Quaranta, Bartolomeo Pagano)
Премиерата на филмот била одржана на 18 април 1914 година, а во јуни истата година филмот бил прикажан во Белата куќа, пред претседателот Вудро Вилсон и неговото семејство. На тој начин, КАБИРИЈА е првиот филм во историјата што бил прикажан во Белата куќа. Реставрираната верзија била прикажана на 27 мај 2006 година, во рамките на Канскиот филмски фестивал, со воведен говор на режисерот Мартин Скорсезе.
Римскиот благородник Бато се враќа дома, каде што го чекаат сопругата и саканата ќеркичка Кабирија (ја игра Катена), но таа ноќ доаѓа до ерупција на вулканот Етна и куќата почнува да се урива. Во метежот, слугите грабаат дел од богатството на Бато, а потоа бегаат: меѓу нив се наоѓаат и Кабирија, заедно со дадилката Кроеса. Родителите се очајни мислејќи дека Кабирија загинала под урнатините на куќата. Слугите го делат пленот меѓу себе, но се нападнати од феникиски пирати. Тие ги продаваат Кабирија и Кроеса како робови од Картагина, а ги купува врховниот свештеник Картало, кој планира да го жртвува девојчето. Кроеса се обидува да ја спаси Кабирија, ги среќава Фулвиј Аксила и неговиот роб Мачисте, и ги моли да ја спасат Кабирија. Фулвиј и Мачисте успеваат да ја спасат Кабирија, но, за жал, Кроеса е погубена. Фулвиј решава да пребегне во Римското Царство под налетот на Ханибал. Убавата Софонисба добива подароци од Масиниса, кралот на Нумидија. Бодасторет ги предава Фулвиј и Мачисте при што Фулвиј успева да скокне во морето, а Мачисте се засолнува во градината на војсководецот Хасдрубал, каде што ѝ ја остава Кабирија на Софонисба. Фулвиј се бори на страната на римската армија во опсадата на Сиракуза. Архимед измислува оружје и со помош на сончевите зраци ја уништува римската флота. Фулвиј се спасува и му ја кажува на Бато приказната за Кабирија. Десет години подоцна, Масиниса е симнат од тронот и Хасдрубал решава да ја омажи Софинисба за кралот на Кирта, Сифакс. Кабирија, наречена Елиса, е омилената робинка на Софинисба. Во меѓувреме, Сципион планира напад на Картагина, а Фулвиј се уфрла во градот. Тој го ослободува Мачисте и двајцата бегаат надвор од Картагина, каде што ги заробуваат војниците од Кирта. Софинисба се сеќава на дамнешната случка од градината и му кажува на Картало, кој ја бара Кабирија за себе. Мачисте бега од затворот и ја спасува Кабирија, но таа повторно е заробена, а Мачисте и Фулвиј се затворени во подрумот. Софинисба наредува да ја убијат Кабирија, но тогаш Кирта се предава и во градот влегува Масиниса со својата војска. Кога ќе ја здогледа Софинисба, тој паѓа пред неа, но ја моли да ги поштеди Фулвиј и Мачисте, кои храбро се борат веќе подолго време. Сципион ја бара Софинисба за себе како воен плен, а Масиниса го испраќа Мачисте да ѝ однесе подарок – отров. Пред да умре, Софинисба ја ослободува Кабирија. Истовремено, Картагина се предава, а Фулвиј и Кабирија, вљубени еден во друг, пловат со брод кон Рим…
Проекцијата ќе биде проследена со музика во живо во изведба на Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: Бесплатен Влез
22 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 19:00 ч.,ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ (L’ultimo tango a Parigi / Last Tango in Paris), Игран филм, Франција / Италија, 1972, 129 мин., колор, ДЦП
Режија: Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci)
Сценарио: Бернардо Бертолучи, Франко Аркаљи, Ањес Варда (Bernardo Bertolucci, Franco Arcalli, Agnes Varda)
Улоги: Марлон Брандо, Марија Шнајдер, Марија Мики (Marlon Brando, Maria Schneider, Maria Michi)
Филмот на Бертолучи одамна спаѓа во филмската класика. Сторијата говори за односот меѓу маж и жена кои се впуштаат во авантура со садомазохистички елементи, задржувајќи ја анонимноста. Пол (Брандо) е средовечен Американец кој пристигнува во Париз и се обидува да се справи со мрачните чувства по самоубиството на сопругата. Жан (Шнајдер) е млада Французинка која има свршеник. Таа го среќава Пол кога е во потрага по стан за изнајмување и двајцата започнуваат кратка авантура…
ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ е номиниран за „Оскар“ во категориите за најдобра машка улога (Брандо) и режија (Бертолучи). Филмот бил оценет како исклучително неподобен за лица помлади од 18 години, и по премиерата, неколку пати бил приспособуван за помладата публика. Најголемите контроверзи во Италија ги предизвика сцената со анален секс (со употреба на путер), а ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ е прв филм (надвор од порно жанрот) кој експлицитно ги прикажува човечките гениталии.
Филмот е рестравриран во 2018: CSC-CINETECA NAZIONALE IN COLLABORATION WITH GRIMALDI FILM PRODUCTIONS AND METRO-GOLDWYN-MAYER STUDIOS, WITH THE SUPERVISION BY D.O.P. VITTORIO STORARO. SOUND WAS RESTORED AT CSC-CINETECA NAZIONALE LAB WITH THE SUPERVISION OF FEDERICO SAVINA.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
22 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 21:00 ч., ИТАЛИЈАНЦИ ДОБРИ ЛУЃЕ, (Italiani Brava Gente), Игран филм, Италија, 1964, 137 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Џузепе де Сантис (Giuseppe De Santis)
Сценарио: Енио де Кончини, Џузепе де Сантис (Ennio De Concini, Giuseppe De Santis)
Улоги: Артур Кенеди, Жана Прохоренко, Рафаеле Пису (Arthur Kennedy, Zhanna Prokhorenko, Raffaele Pisu)
Во летото 1941 година, Германија и нејзините европски сојузници го напаѓаат Советскиот Сојуз. Фашистичката Италија учествува во инвазијата. Првите возови со италијански војници пристигнуваат во Советскиот Сојуз за време на сезоната на жетва на жито. Советската армија нагло се повлекува по првичниот силен германски напад којшто ја започна инвазијата. Новодојдените италијански војници се зачудени од големината на советската земја којашто изгледа како да нема крај. Војниците, исто така, забележуваат дека Советите се повлекле толку брзо, што многу полиња се сè уште неожнеани. Полињата со пченица, сончоглед и пченка сјаат како злато под силното летно сонце. Италијанците се обидуваат да се дружат со советските цивили кои ги среќаваат на различни места кога застануваат да се одморат по патот. Но, цивилите се исплашени од окупаторите. И со право, бидејќи германските трупи веќе поминале тероризирајќи го локалното население. Италијанските војници дури се обидуваат и да ги споделат своите оброци храна со цивилите и се обидуваат да ги развеселат пеејќи им песни…
Филмот е реставриран во 2018: CSC-Cineteca Nazionale with GALATEA and INTRAMOVIES, in collaboration with GENOMA FILMS.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
23 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 19:00 ч., МРАЧНИОТ ЖЕТВАР (La commare secca / The Grim Reaper), Игран филм, Италија, 1962, 88 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Бернардо Бертолучи (Bernardo Bertolucci)
Сценарио: Пјер Паоло Паолини, Бернардо Бертолучи (Pier Paolo Pasolini, Bernardo Bertolucci)
Улоги: Франческо Рују, Џанкарло де Роса, Винченцо Чичора (Francesco Ruiu, Giancarlo De Rosa, Vincenzo Ciccora)
Во паркот во близина на реката Тибар во Рим е пронајдена убиена проститутка. Полицијата трага по луѓето кои биле во паркот во текот на таа ноќ. Ги приведуваат сомнителните лица во полициска станица и ги испрашуваат зошто биле таму таа ноќ. Еден меѓу нив е и убиецот на проститутката…
МРАЧНИОТ ЖЕТВАР е режисерско деби на Бернардо Бертолучи – кој во 70-тите и 80-тите години на 20т век – стана перјаница на италијанскиот и европскиот ангажиран филм. Сценариото го пишувал заедно со Пјер Паоло Пазолини, една од најконтроверзните фигури на италијанската кинематографија од втората половина на минатиот век, иконичен борец против конформизмот…
Филмот е реставриран во 2019: CSC-CINETECA NAZIONALE AND EFFECTUATED AT CINEMA COMMUNICATIONS SERVICES LABORATORIES.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
23 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 21:00 ч., ТОЛКУ СЕ САКАВМЕ (C’eravamo tanto amati / We All Loved Each Other So Much), Игран филм, Италија, 1974, 124 мин., црно-бел/колор, ДЦП
Режија: Еторе Скола (Ettore Scola)
Сценарио: Аџеноре Инкрочи, Фурио Скарпели, Еторе Скола (Agenore Incrocci, Furio Scarpelli, Ettore Scola)
Улоги: Нино Манфреди, Виторио Гасман, Стефано Сата Флорес, Стефанија Сандрели (Nino Manfredi, Vittorio Gassman, Stefano Satta Flores, Stefania Sandrelli)
Приказна за тројца пријатели – Антонио (Манфреди), Џани (Гасман) и Никола (Флорес) – кои се запознале и меѓусебно се зближиле кон крајот на Втората светска војна како борци против нацистите. Крајот на војната го дочекуваат полни со илузии, но животот ги приземјува. Сторијата на Скола нè води во животите на тројцата идеалисти по војната, фокусирајќи се посебно на меѓусебните односи, откако сите тројца се заљубуваат во иста девојка – Лучијана (ја игра Стефанија Сандрели). Во филмот се појавуваат и Марчело Мастројани, Федерико Фелини и други…
Филмот е добитник на десетина награди во Италија и во светот, меѓу кои и францускиот „Цезар“, американскиот „Златен глобус“, победник на Московскиот филмски фестивал, итн.
Филмот е реставриран во 2016: CSC-CINETECA NAZIONALE AT L’IMMAGINE RITROVATA LAB IN BOLOGNA, WITH THE CONTRIBUTION OF STUDIO CANAL. COLOR CORRECTION WAS SUPERVISED BY LUCIANO TOVOLI, WITH COLLABORATION WITH CLAUDIO CIRILLO.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
24 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч., ЦРВЕНИОТ ТЕРЕН (Palombella rossa / Red Wood Pigeon), Игран филм, Италија / Франција, 1989, 89 мин., колор, ДЦП
Режија: Нани Морети (Nanni Moretti)
Сценарио: Нани Морети (Nanni Moretti)
Улоги: Нани Морети, Силвио Орландо, Мариела Валентини (Nanni Moretti, Silvio Orlando, Mariella Valentini)
Нани Морети, во овој филм – покрај улогата на сценарист и режисер – го игра и ликот на Микеле Апичела, парламентарен пратеник од редовите на Италијанската комунистичка партија. Микеле, по една сообраќајна несреќа, е полесно повреден, но го губи сеќавањето. Микеле, освен политичар, е и играч во ватерполо тимот на Монтеверде. И покрај тоа што е несигурен во својот идентитет, тој му се придружува на тимот кога треба да се одигра важен натпревар во Сицилија, натпревар што ќе реши кој ќе ја освои лигата. Натпреварот трае до доцна во ноќта, а Микеле разговара со соиграчите, синдикалистот, судијата, католичкиот верник, новинарот и неговата ќерка, во обид да ја реконструира својата сопствена меморија. Станува очигледно дека претходно тој одржал значаен говор, на чија содржина не може да се сети. Како што се одвива натпреварот, гледачите и играчите сѐ повеќе се впуштаат во гледање на филмот ДОКТОР ЖИВАГО, кој се прикажува на ТВ-екранот во барот. Микеле промашува пенал и натпреварот завршува; тој останува разочаран не само од натпреварот туку и од животот. Возејќи се назад во Рим со својата ќерка, тој ја губи контролата врз својот автомобил…
Филмот на Морети е еден од најнаградуваните филмови во Италија во 1989/1990, прогласен е за филм на годината во избор на италијанските критичари на Венецискиот филмски фестивал и списанието „Каје ди синема“ (Cahiers du Cinéma), Филмскиот Фестивал во Сао Паоло, итн…
Филмот е реставриран во 2017: CSC-CINETECA NAZIONALE IN COLLABORATION WITH SACHER FILMS WITH THE SUPERVISION OF DIRECTOR NANNI MORETTI AND THE COLLABORATION FOR COLOR CORRECTION OF D.O.P. BEPPE LANCI. THE RESTORATION WAS EFFECTUATED IN AUGUSTUS COLOR LABORATORIES.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
28 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч., ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН (Good morning Babilonia), Игран филм, Италија / Франција / САД, 1987, 117 мин., колор, ДЦП
Режија: Паоло Тавијани, Виторио Тавијани (Paolo Taviani, Vittorio Taviani)
Сценарио: Паоло Тавијани, Виторио Тавијани, Тонино Гуера (Paolo Taviani, Vittorio Taviani, Tonino Guerra)
Улоги: Винсент Спано, Жоаким де Алмеида, Грета Скаки, Омеро Антонути (Vincent Spano, Joaquim de Almeida, Greta Scacchi, Omero Antonutti)
ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН е прв филм на браќата Тавијани на англиски јазик и во американска копродукција. Филмот е носталгична посвета на периодот на немиот филм.
Главните ликови, браќата Николо и Андреа, се тосканци и потекнуваат од семејство со долга традиција на градежни работници кои градат катедрали. Во 1915 година, бизнисот не им оди најдобро, па браќата му соопштуваат на татко им дека решиле да заминат во Америка во потрага по подобра иднина. Се надеваат дека татко им ќе поживее доволно долго, а тие ќе се вратат полни со долари. Николо и Андреа бргу се снаоѓаат во САД и учествуваат во изградбата на италијанскиот павилјон на светската изложба. Прочуениот американски режисер Дејвид В. Грифит е воодушевен од италијанските филмски спектакли, посебно со сценографијата во нив, па ги ангажира браќата од Тоскана во изградбата на величествената сценографија во неговиот нов филм НЕТРПЕЛИВОСТ. Така Николо и Андреа ќе се најдат во Холивуд, во пионерските денови на филмот…
ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН беше во конкуренција за награди на Kанскиот филмски фестивал во 1987, и ја доби годишната награда на Асоцијацијата на италијанските филмски критичари.
Филмот е реставриран во 2018: CSC-CINETECA NAZIONALE IN COLLABORATION WITH CINECITTA’ LUCE.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: Бесплатен влез