Ревизијата на Општина Карпош утврдила дека Стевче Јакимовски ненаменски трошел пари – долг од 18 милиони евра

Сподели

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска пред јавноста го презентираше Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за материјално – финансиското работење на Општината, во текот на четири години наназад.

Извештајот, утринава беше доставен и до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција, со цел да се утврди одговорност за сите нерегуларности и повреди на законските одредби констатирани од страна на овластениот државен ревизор и ревизорскиот тим.

На почетокот, Богоев напомена дека вкупниот долг на Карпош е 18 милиони евра или 1.105.000.000 денари, но, Државниот завод за ревизија посочува дека покрај главниот долг, кој најчесто потекнува од минати години (2012, 2013, 2014, 2015), Општината должи и големи суми за дополнителни трошоци (адвокатски, нотарски, трошоци за извршител, процесни и парнични трошоци).

Со овие дополнителни трошоци и обидот „да се купи“ време и да не се подмират обврските, само дополнително се оптоварувал Буџетот на Општината за камати и трошоци, и е постигнат ефект на нерационално трошење на средствата, нагласи Богоев.

Исто така, во 2014 година се подигнал и кредит од 160 милиони денари (2,6 милиони евра). Намената на кредитот бил за тековни инфраструктурни проекти во Општината, но, ревизорскиот тим констатирал дека истиот е потрошен ненаменски. Средсвата целосно се искористени за плаќање на заостанати обврски, од минати години, со што е прекршен членот 20 став 6 и 26 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, според кој средствата обезбедени со долгорочно задолжување се користат за намената за која се одобрени.

На прес конференцијата, Богоев говореше и за пропустите при изградбата на новата општинска зграда и постоечките општински бараки. Изградбата на административниот објект е врз основа на проект  кој не е одобрен од страна на Советот на Општина Карпош, како и без изменето одобрение за градба што не е во согласност со Законот за градење и Одлуката за изградба на административен објект. За впишаното заложно право на идната градба и на земјиштето нема согласност ниту од Министерството за транспорт и врски, ниту од Државното правобранителство, како надлежни органи за заштита на имотните права, со што е повреден чл.12 од Законот за државно правобранителство.

За постоечките простории во кои е сместена Општина Карпош, односно изградбата на бараките е без одобрение за градење и без одлука од Советот на Општина Карпош.

Еклатантно се повредени повеќе одредби од закони и тоа: член 36 од Законот за локалната самоуправа, член 59 од Законот за градење и член 19 од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници.

Кога станува збор за ненаменското и неоправдано трошење на буџетските средства, пари на граѓаните, посочени се повеќе сериозни забелешки преку кои јасно се гледа дека се доделувале средства на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица кои не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства. Исто така, меѓу локалната самоуправа и овие субјекти не се склучувале ниту договори во писмена форма.

Државниот завод за ревизија го забележува и фактот дека се доделувале буџетски средства на кошаркарскиот клуб „Карпош Соколи“ АД Скопје. Во 2016 година, исплатени се средства во износ од 38 милиони денари (618 илјади евра). За доделените средства, клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени. Инаку, од 15 март 2015 година, Општина Карпош се јавува и како основач на КК „Карпош Соколи“ АД Скопје и истовремено доделува финансиска поддршка на акционерското друштво.

Општина Карпош при исплатата на средства/трансфери до спортски клубови, не склучувала договори во писмена форма со примателот на донацијата и спонзорството и не се изготвувани извештаи за начинот на кој е трошена дадената донација/спонзорство, со што се повредени Законот за облигациони односи и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности (член 4 и 19), се вели во Извештајот на Државниот завод за ревизија.

Во претстојниот период, Општина Карпош ќе постапи согласно препораките на Државниот завод за ревизија, со цел локалната самоуправа да се врати во колосек и да се обезбеди целосно законско работење и располагање со буџетските средства.

Извештајот завршува со тоа што ревизорскиот тим не изразува мислење, што значи се квалификува дека финансиско – материјалното работење на Општината на најниско можно ниво. Констатирано е дека сметката на основен Буџет (637) не е во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Градоначалникот Богоев посочи дека со денешното доставување на Извештајот до Основното јавно обвинителство, Општината јасно ја покажа својата волја за целосно расчистување со констатираното незаконско работење во Карпош, но и за целосно постапување по препораките на ДЗР.

–           Општината е подготвена да соработува и со сите други органи и институции, за сите инволвирани страни да одговораат за своите постапки  и злоупотреби. Соработувавме со Уставниот суд на полето на урбанистичкото планирање, манифестираме јавна подготвеност за зголемена соработка и со Основното јавно обвинителство.

“Бараме одговорност, час поскоро! Секое кривично дело, секоја законска повреда имаат име и презиме”, заврши Богоев.

Ненаменски биле потрошени 2,6 милиони евра во општина Карпош од претходната власт на чело со екс градоначалникот Стевчо Јакимовски – рече актуелниот градоначалник Стефан Богоев презентирајќи го извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле дека парите наместо за инфраструктурни проекти биле наменети за враќање на стари долгови. Долгот на општината сега е 18 милиони евра, а општинските канцеларии се дивоградба.