Роме: Отворено писмо до градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски

Сподели

 

“Го гледам прилогот на Општина Битола од Вашата прошетка низ дел од битолските средни училишта, меѓу кои и Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ – Битола. Читам и не ми се верува што напишале официјалните лица на Општината. Да не беше трагично, ќе беше смешно.

Но, некои луѓе немаат ни срам ни перде. Паметно кажал нашиот народ напатен кој видел сè и сешто и којзнае уште што ќе види допрва. Пред само неколку месеци в.д. директорката на Техничкото училиште доби демант на лагите кои ги кажа на 14.09.2022 год. на Комисијата за јавни дејности во Советот на општина Битола. Се разбира, демант со аргументи, а пред вистината и боговите молчат.

Контра демант немаше, а ниту можеше да има. И тогаш јавно спомнав да не му текне на некој во иднина да се кити со туѓи перја. Но, пустата желба за убавина чавката не ја направи бел лебед туку само го извади сиот катран на површината после дождот.

Ајде да видиме сега со какви проекти се пофаливте господине градоначалник Коњановски, а за кои заслужна е од Вас поставената в.д. директорка, онаа што толку многу го прослави училиштето во име на Еразмус плус (проект во кој училиштето никогаш не учествувало).

Што направивте за Техничкото училиште? Со кои средства, кога и кој ги направи сите оние инфраструктурни зафати покрај кои Вие гордо се фотографиравте?

Но, пред да почнам со хронолошки приказ да видиме што велат бројките, оние вистинските, кои кажуваат многу за тоа пред и тоа потоа.

Господине градоначалник ме разрешивте од функцијата директор на Техничкото училиште на ден 12.07.2022 год. Како и зошто ќе почекаме да кажат судовите во државата па и оној во Стразбур. Кој сè е инволвиран, ќе се разбере. Дали ќе има работа за ОЈО за организиран криминал? Ајде да видиме.

Јавно го повикувам Основното јавно обвинителство за организиран криминал на Република Северна Македонија, да отвори истрага за злосторничко здружување во постапката за моето разрешување од функцијата директор на СОТУ„Ѓорѓи Наумов“ – Битола и политичките притисоци што се вршеа и сеуште се вршат врз мене во и после таа постапка.

Поради позициите на кои се вработени вмешаните учесници во институциите на системот во државата барам да постапи Основното јавно обвинителство за организиран криминал на Република Северна Македонија во Скопје.

Исто така, барам овој процес да биде следен од: Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права, Народниот правобранител на Република Северн Македонија, Комисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Комисијата на Европската унија во Република Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Сите овие институции се веќе детално информирани за оваа незаконска постапка и притисоците на кои сум изложен почнувајќи од октомври 2021 година, па сè до денес.

Сега ќе оставам да зборуваат бројките. На денот на моето назначување за в.д. директор на Техничкото училиште во декември 2017 год. на двете сметки на училиштето ја затекнав следната состојба:

Сметка 787 – 193.191,00 ден. (3116.00 €)

Сметка 903 – 0.00 ден. (0.00 €)

На денот на моето разрешување на ден 12.07.2022 год. состојбата на двете сметки на училиштето беше:

Сметка 787 – 756.694,00 ден. (12.205,00 €)

Сметка 903 – 12.604.246 ден. (203,294,00 €)

или вкупно на двете сметки: 13.360.940 (215.500 €).

Господине градоначалник, сите овие податоци се веродостојни, заверени со архивски број, а ги добив по цели 6 месеци од моето разрешување! Оставам на вас и на јавноста сами да процените зошто е тоа така, а бројките дадени погоре и оние кои следат ќе ви го дадат одговорот.

Покрај овие средства, за училиштето обезбедив уште 600.000 € од кои 138.000€ се обезбедени преку апликации до европските фондови, 270.000 € средства од Општина Битола издвоени во времето на градоначалникот м-р Наташа Петровска и остатокот средства од Министерството за образование и наука со кои се направија капитални реконструктивни зафати од кои остана уште да се направи енергетски ефикасна фасада. За тоа е потпишан трипартитен договор на ден 12.07.2021 год. од мене како тогашен директор на Техничкото училиште, градоначалничката м-р Наташа Петровска и претставникот на МОН и се чека само реализација на проектот.

И да не заборавам уште една ситница, го воведов училиштето во втората фаза од Регионалниот фонд на предизвици на Западен Балкан од каде се очекуваат средства во висина од 584.000 €. Она за кое вашиот в.д. директор без трошка срам го прикажа како своја заслуга на Комисијата за јавни дејности. Но, доказите покажаа нешто сосема друго.

Значи, кога ќе се соберат сите средства, се доаѓа до сума од потенцијални 1.2 милиони евра!

Ова е бројка која покажува колку „недомаќински“ сум раководел со училиштето!

За финансиите толку. Сега малку за она што значи рејтинг на училиштето. Од првата година на моето менаџирање со училиштето, па сè до моето разрешување, бројот на запишани ученици во прва година е зголемен во континуитет за 30% и тоа во период кога на ниво на општина Битола имаме континуиран пад на бројот на ученици во основните училишта.

Ова прикажано преку бројки изгледа вака: Од 2012 – 2017 год. во просек се запишувани по 166 ученици во прва година.

Од 2018 – 2021 год. во просек се запишувани по 214 ученици во прва година.

Порастот на запишани ученици во периодот 2018-2021 год. во однос на периодот 2012-2017 е 29%, односно изразено во број на ученици, тоа се 48 ученици или две паралелки повеќе! Во безмалку пет години мандат на директор во училиштето не се случи ниту еден скандал што ги наруши угледот и реномето на училиштето, но затоа училиштето стана прво во градот кое го воведе дуалното образование по германски стандарди во соработка со Делегацијата на германското стопанство и компанијата Кробмерг и Шуберт од Битола, а годинава ќе заврши првата генерација матуранти од профилот техничар за индустриска мехатроника. На Интегралната евалуација направена во училиштето во октомври 2021 год., истото е оценето од ДПИ со највисока оцена што училиштето воопшто ја добило досега.

Сега да видиме кој, кога и со кои средства ги направи сите оние реконструктивни зафати покрај кои на ден 16.01.2023 год., Вие, господине градоначалник, заедно со Вашата в.д. директорка, гордо се фотографиравте во и околу училиштето.

Се фотографиравте на спортските терени. Господине градоначалник, дали знаете кога започна таа реконструкција? – Во ноември 2021 год. Дали знаете кога е завршена изведбата на спортските терени? – Во јуни 2022 год. Дали знаете кој ги обезбеди средствата од 100.000 € за таа намена? – Претходната локална самоуправа и градоначалничката м-р Наташа Петровска. Дали знаете кој беше тогаш директор на Техничкото училиште?

Се фотографиравте и во спортската сала. Целосно реновирана. Бојадисана првпат после 36 години, со нова ПВЦ-дограма и комплетно ново ЛЕД- осветлување, со целосно саниран паркет, истружен, лакиран, обележан.

Господине градоначалник, дали знаете кога е завршена комплетната реконструкција на спортската сала? Дали знаете кога беше готова и промовирана оваа реконструкција? – На 03.03.2022 год., а на фотографиите од таа промоција се наоѓа вашиот заменик-градоначалник, г-динот Бојан Бојковски, како и претходниот градоначалник на општина Битола, м-р Наташа Петровска и јас како тогашен директор на училиштето. Кој проект Вие, г-дине градоначалник на ден 16.01.2022 год., го промовиравте кога се фотографиравте во спортската сала прикажувајќи го како Ваша заслуга и заслуга на Вашата в.д. директорка?

Се фотографиравте покрај ПВЦ-дограмата. Целосно заменета во целото училиште. Господине градоначалник, дали знаете кога е завршена замената на ПВЦ[1]дограмата и покривната конструкција? Не знаете бидејќи одбивте да присуствувате на завршниот настан и го пративте вашиот заменик. Се сеќавате зошто не дојдовте на завршниот настан? Кој беше тогаш директор на Техничкото училиште?

Видовте комплетно заменето ЛЕД-осветлување во училиштето. Господине градоначалник, дали знаете кога е заменето осветлувањето во училиштето и колкава е заштедата на електрична енергија која ја има општината со тоа? Кој го направи тоа и кој беше тогаш директор на Техничкото училиште?

Во училиштето има најмодерен систем на заштита од атмосферски празнења. Знаете кога е истиот поставен? Со чии средства? Кој беше тогаш директор на Техничкото училиште? Влеговте во училиштето преку целосно реконструирани скали на главниот влез во училиштето. Господине градоначалник, дали знаете кога се реконстуирани скалите на главниот влез? Кој беше тогаш директор на Техничкото училиште? Претпоставувам влеговте и во новата сала за состаноци. Убава е, нели? Поубава и помодерна не знам дали има во градот, а и пошироко. Знаете кога е направена? Со чии средства? Кој ги обезбеди? Кој беше тогаш директор на Техничкото училиште?

Ја спомнавте пешачката патека за граѓаните. Знаете кој и кога го актуелизира тоа прашање во Општина Битола? Одговорот Ви е во службата за комунални дејности на Општината, а за да не губите време да ја добиете таа информација, ќе Ви помогнам, во април 2018 год. За сето ова има траги во архивата на Општина Битола. Кој беше тогаш директор на Техничкото училиште? Дали знаете кој Ви побара дозвола за градење на пешачката патека низ дворот на училиштето? Дали знаете кому ја дадовте таа дозвола? Дали знаете кој беше тогаш директор на Техничкото училиште?

Се фотографиравте и во реновираните соблекувални, тоалетите, клубот за вработените, атриумот… Дали знаете кој бараше проширување на планот за јавни набавки за реконструкција на тоалетите, соблекувалните, вратите во училниците и сето она што го прикажавте како Ваш и успех на Вашата в.д. директорка, а кој со сите сили го кочеше тој процес? Знаете, а знаете и дека јас знам дека Вие знаете.

Дали знаете кој и кога направи проект за реконструкција на соблекувалните? Не Ви го покажаа проектот за време на Вашата посета? Дали знаете кој побара понуда за платформата во атриумот и чија беше таа идеја? Не Ве информираа ниту за тоа? Проверете ги малку записниците направени од Државниот просветен инспекторат, оние кои што се доставените до Вас, како и записниците од Наставничките совети и видете кој имал визија што да се направи во училиштето и кој направил сè за тоа да го спречи. За сето ова постојат документи кои сведочат за тоа кој градел, а кој рушел.

Господине градоначалник, не ви замерувам што промовирате туѓи проекти во училиштата. Ве разбирам, немате Ваши. Но, вистината не може да ја покрие ниедна лага, па макар таа била кажана сто пати. Лагата е лага, а на лагата ѝ се кратки нозете.

Но, од срце Ви благодарам што ги испромовиравте сите мои проекти, реализирани со најголем дел од вработените во училиштето и со поддршка од претходната локална самоуправа и градоначалничката м-р Наташа Петровска. Се надевам дека во некоја блиска или далечна иднина ќе се пофалите и со проект на некој Ваш нов директор.

Дотогаш, информацијата што ја објавивте на страницата на Општината ќе биде нем сведок за тоа што направив јас за време на мојот безмалку петгодишен мандат.

Од срце Ви благодарам за јавно искажаното признание.”

Владимир Роме, до градоначалникот на Општина Битола, Коњановски, 2023

*Редакцијата смее да објави писма/ставови, но исто така може да објави и реакција/демант/став од повиканите во објавите.