Сообраќајните незгоди, загинати и повредени лица на патиштата се наше секојдневие, а свеста, навиките и културата на однесување во сообраќајот и понатаму не се на потребното ниво. Брзо возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, не користење на сигурносни појаси, употреба на мобилни телефони при учество во сообраќај, неетичко, некултурно, неодговорно однесување во сообраќајот и понатаму се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици.
Она што дополнително загрижува е фактот што учесниците во сообраќајот во голем дел не се ни свесни за грешките и пропустите кои секојдневно ги прават во сообраќајот и на тој начин одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот.
Најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура е на ниско ниво и дека недоволно се почитуваат сообраќајните правила и прописи, но притоа сите ја бараат вината и пропустите кај другите, а истовремено забораваат за сопствената одговорност и сопствениот придонес за побезбеден сообраќај.
Невозможно е да помине едно деноноќие или еден викенд, а да не се случи тешка сообраќајна незгода со повредени или загинати лица. Во Република Северна Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6000 лица се тешко повредени. Тоа значи дека на секои два – три дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода, а по неколку лица на ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќај незгода.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира: „Секој учесник во сообраќајот да преземе поголема лична одговорност во сообраќајот. Целосно и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимално почитување на поставената сообраќајна сигнализација е обврска на секој учесник во сообраќајот без разлика дали станува збор за пешак, велосипедист, мотоциклист, или возач. Да продолжиме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура, почнувајки секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес, за помалу жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата.
Последиците од секојдневната слика на која можеме да видиме возачи кои достигнуваат големи и неразумни брзини, во или надвор од населено место, пијани возачи, возачи и патници кои не користат безбедносен појас, непрописно паркирани возила насекаде, мотоциклисти без заштитна кацига, велосипедисти без осветлување во ноќни услови, пешаци кои се движат надвор од тротоарот и кои ја поминуваат улицата таму кај што им е „најзгодно“, итн. ги чувствуваат и ги трпат сите учесници во сообраќајот, а цената за тоа е голем број на изгубени човечки животи.
Само во 2018 година, 133 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5860 лица се сериозно повредени. Затоа, крајно време да се променат навиките и културата во сообраќајот, почнувајки секој од себе. Бидете одговорни учесници во сообраќајот.