РСБСП со апел до граѓаните: Не возете во алкохолизирана состојба

Сподели

 

Во пресрет на празничните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата –  РСБСП објави потсетување до возачите за предвидените законски санкции за пијаните возачи и за влијанието на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило.

Возењето во алкохолизирана состојба е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со загинати и со повредени лица.

Од РСБСП  напоменуваат дека возењето во алкохолизирана состојба возачите се со намалена способност за рационално расудување и склони се кон агресивно однесување во сообраќајот.

“Алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и за ефикасно дејствување во случај на непредвидени ситуации и закани во сообраќајот” – РСБСП.

Според ЗБСП, возачот не смее да управува со возило во сообраќај на патот, ниту да започне да управува со возило, ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета лице за кое ќе се утврди дека содржината на алкохол во крвта изнесува повеќе од 0.50 г/кг.

 

 

Анализите покажуваат дека сообраќајните незгоди предизвикани од возачи кај кои е потврдено присуство на алкохол во организмот, најчесто завршуваат со смрт или со тешки последици по здравјето на поединецот. Во овие случаи, нивната реакција е забавена, перцепцијата е намалена, возат брзо и агресивно, а можноста за реакција за амортизација и за намалување на последиците од сообраќајната незгода е сведена на минимум.

РСБСП со апел: Возете одговорно! Не консумирајте алкохол доколку возите или не возете доколку консумирате алкохол. Возењето и алкохолот, едноставно – не одат заедно.