Вака уништено општество, девастирани институции никому не одговараат и не служат. Само на мал дел мафијаши облечени во лажна одора на политичари, пишува програмскиот директор на ЛГБТИ центарот за поддршка, Кочо Андоновски, во онлајн колумната на Радио Слободна Европа.
Вака уништено општество, девастирани институции никому не одговараат и не служат. Само на мал дел мафијаши облечени во лажна одора на политичари, пишува програмскиот директор на ЛГБТИ центарот за поддршка, Кочо Андоновски, во онлајн колумната на Радио Слободна Европа.
Заедништвото кое го живееме последниве години не ја губи енергијата, наспроти упорноста на некои да нè убедат во спротивното. Шарената револуција не беше почеток, туку кулминација на сплотената енергија која бара промени во државата, во општеството. Затоа и не може да ја изгуби силата така лесно. Се заснова на фундаменталната потреба и барање на правдина, а тоа е голема и несоборлива енергија која секогаш е победник, узурпаторите секогаш губат на крајот. А крајот во Македонија им дојде.
Мора да се потсетуваме и на работите кои нè здружија. Зулумите кои ги правеше власта изминативе десет години, цврсто убедена дека вечно ќе владее. Само така забегана власт, изгубена во преводот на политика, демократија, владеење, пари, луѓе, моќ, шизофренија, хипокризија, манипулација, може да се однесува така крвнички кон сопствените граѓани. Јас не можам да ги заборавам моментите кога беа извршени нападите врз ЛГБТИ Центарот. Моменти на живот или смрт, уплашени очи, беспомошност, зашто ни полицијата не презема ништо. Напротив, како нем набљудувач гледа од страна. Слики, сцени и емоции кои никогаш не можев да претпоставам дека ќе ги доживеам во мојата држава.
Како да ми избледнат сликите од окупацијата на најгледаната телевизија во државата. Таа кристална ноќ во А1 телевизија беше можеби најбруталниот приказ на тоталитарноста на оваа власт. Највидлива злоупотреба на институциите, особено полицијата, за сопствена и партиска сметка. Или злоупотребата на навивачите. Организирано тепање! Како две глутници на бесни кучиња. И никому ништо! Десетици претепани граѓани заради нивната националност, партиска припадност, сини или кафени очи… Страв! Преземање бизниси. Крадење, следење, неказнивост. Загинати полицајци во Диво насеље. Највисoка вредност – криминалот!
Заслужуваме подобро! Вака уништено општество, девастирани институции никому не одговараат и не служат. Само на мал дел мафијаши облечени во лажна кожа на политичари. Затоа не мислам дека борбата е само на опозициските политички партии. Борбата за промена е наша. На сите нас.
Ни треба широка мобилизација, работа и верба за да ја донесеме промената. Поминавме многу, направивме многу, промената е случена во нашите срца и сега е моментот да се ослободиме од узурпаторите. Поддршка за сите кои чезнеат и се подготвени да се вклучат во оваа борба!
Не се согласувам со оние кои се противат „шарените“ да бидат на листите за пратеници. Не ги разбирам. Ми паѓа на памет еден пример од Холандија. Борис Дитрих, мој драг пријател, од адвокат стана пратеник. Се бореше во парламентот на Холандија и донесе многу промени. Тој силно се бореше против учеството на Холандија во војната во Авганистан. Како еден од најплодните парламентарци успешно поднесе и беа донесени многу закони, како тие за правата на жртвите кои сведочат на судењата, бришење на временската граница за гонење на најтешкиот криминал, донесе и закон за фиксни цени за заштита на малите издавачи, книжарници и авторите, како и законското регулирање на користењето на лесни дроги, делови од сексуалната работа и се разбира за првпат во светот признавањето на истополовите бракови. После парламентарната кариера, Дитрих повторно отиде во граѓанскиот сектор и е Директор за застапување на ЛГБТИ луѓето во Human Rights Watch. Иако му се нудеше, не стана функционер.
И затоа не ги разбирам и не им ги знам мотивите на овие кои не се согласуваат со тоа луѓе од Шарената револуција да бидат на листите за пратеници. Напротив, треба што повеќе од „шарените“ да се на тие листи. Тие се моите, нашите соборци! Треба сите во заедништво, како и досега, мобилизирани како никогаш досега да работиме на промената. Јас ќе ги поддржам со сè што можам, знaм и умеам.
Не е време за ситни суети.
После, кога ќе создадеме услови, ќе разговараме (за сè).