Платформите на политичарите доведуваат до групирање на „стадата околу своите водачи“, вели професор Мирјана Малеска. Аналитичарот Рамадан Рамадани платформите ги гледа како форма на национално обединување и помирување.
Актуелната платформа на политичките партии од албанскиот блок, но и најавите за иста таква од македонските политички партии се опасни за едно мултиетничкото општество предупредуваат дел од аналитичарите во земјава. Според универзитетската професорка Мирјана Малеска истите разединуваат наместо да обединуваат, затоа што, според неа, настанува групирање на „стадата околу своите водачи“, а последица може да биде граѓанска војна.
„Многу е опасно на оваа албанска платформа да се парира со некаква македонска платформа, бидејќи кога сте мнозинство ја имате таа платформа. Навистина е ова долевање бензин на оган кој тлее и толку лоша услуга ни прави оваа партија која не сака да оди во опозиција. Страшно е тоа што и го прави ВМРО-ДПМНЕ на земјата и со тој однос буквално ќе не бутне во една граѓанска војна“, вели Малевска.
Сосема спротивен став има политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани. Платформите ги гледа како форма на национално обединување и помирување.
„Има потреба од вакви платформи и кај Албанците и кај Македонците во смисла на помирување меѓу себе, зошто во предизборната кампања видовме интраетнички неогласувања. Некои беа повеќе Албанци од другите, некои беа повеќе Македонци, други помалку, односно предавници итн,“ вели Рамадани.
За Малеска е очекувано пред избори секоја партија да има своја политичка платформа, која во мултиетнички општества неизбежно е да биде и етничка. Сепак додава дека тие не се само во функција на изборен маркетинг, туку имаат подлабока цел.
„Сигурно дека тука има многу повеќе, бидејќи на своите гласачи треба да им понудите нешто што многу им значи, на пример употребата на албанскиот јазикот, поточно обезбедување на сите елементи на јакнење на идентитетот на Албанците е нешто што не само тука, туку секаде кадешто станува збор за малцинство е многу важно“, посочува Малеска.
Сепак, платформите не можат да се споредуваат, додава Рамадани. Македонската платформа е всушност македонската држава, а албанската платформа само во еден дел е етничка, посочува тој.
„Албанската платформа само во еден дел се етнички барања, другите се за евроинтеграции и добрососедство, што е всушност заедничка државна платформа. Македонската, пак, ги става во подредена позиција Македонците, зошто ако досега се мислеше дека најголемата македонска платформа е државата Македонија, вака испаѓа дека таа всушност уште не е оформена“, вели Рамадани.
Малеска останува на ставот дека во демократско општество со политичка рамка како македонското, не може со сила никому ништо да му се наметне, зошто неизбежна последица би бил конфликтот.
Марија Тумановска за Радио Слободна Европа