Русија и НАТО одржуваат редовни нуклеарни вежби додека војната во Украина продолжува

Сподели

 

НАТО и руската војска вчера организираа редовни нуклеарни вежби кои се одржуваат секоја година, но кои поминаа забележани по неоснованото тврдење на рускиот претседател Владимир Путин дека Украина планира да активира радиактивна „валкана бомба“, пишува Асошиејтед прес.

Рускиот претседател Владимир Путин од далечина ги следеше вежбите на неговите стратешки нуклеарни сили, кои вклучуваа повеќекратно вежбање на балистички и крстосувачки ракети како своевидна демонстрација на сила. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го известил Путин дека вежбата симулира „масовен нуклеарен напад“ како одмазда за нуклеарен напад врз Русија.

Од официјален Кремљ информираа дека во рамките на вежбите биле лансирани балистички ракети од космодромот во Плесецк и од локација во Баренцевото море, како и од полигон за тестирање проектили на полуостровот Камчатка. На вежбите биле ангажирани и авионите со долг дострел Туполев Ту-95МС, кои извршиле лансирање на крстосувачки ракети од воздух.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден информираше дека Русија однапред ги известила САД за годишните вежби. Од друга страна, НАТО ги спроведува своите годишни нуклеарни вежби во северозападна Европа, кои се долго планирани од претходно, пишува Асошиејтед прес.

Инаку, рускиот претседател Владимир Путин за првпат самиот го искажа неоснованото тврдење за подготовка на радиоактивна „валкана бомба“ од страна на Украина. Без да обезбеди никакви докази, Путин во изјавите што ги пренесе руската телевизија рече дека Украина планира да „користи таканаречена ‘валкана бомба’ како провокација“ и дополни дека САД ја користат Украина како „овен“ против Русија и нејзините регионални сојузници, претворајќи ја земјата во „поле за тестирање на воено-биолошки експерименти“.

Украина веќе во неколку наврати ги отфрли обвинувањата на Русија како неосновани, тврдејќи дека користењето на „валкана бомба“ од нејзина страна е неосновано обвинување кое е дел од кампањата за дезинформации на рускиот претседател против Украина./Мета.мк