Русија ќе протера 23 британски дипломати како одговор на одлуката на Лондон да протера исто толку руски дипломати.
Властите во Москва денеска, исто така, донесоа одлука да се затвори Генералниот конзулат на Велика Британија во Санкт Петербург и да прекине функционирањето на Британскиот совет во Русија.
Претходно, британскиот амбасадор во Русија Лори Бристоу беше повикан на разговор во руското МНР, со цел да биде информиран за соодветните мерки на Русија по протерувањето на 23 руски дипломати од Велика Британија во врска со скандалот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, за што Лондон ја обвини Москва, која категорично ги демантира таквите тврдења.
Поради диспаритетот во бројот на конзуларни одделенија, ќе биде затворено Конзуларното одделение во Санкт Петербург, а поради нерегулиран статус ќе биде затворен и Британскиот совет во Русија.
Освен тоа, Русија има право да преземе и други мерки против Лондон, се наведува во соопштението.
Британското Министерство за надворешни работи го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека лично го наредил труењето, обвинување што портпаролот на Путин го негираше.