Русија соопшти дека го повикала грчкиот амбасадор во Москва за да го информира за “реципрочни мерки” откако Атина минатиот месец протера двајца руски дипломати поради сомнение за вмешување во односите меѓу Грција и Македонија.
Руското министерство за надворешни работи на грчкиот амбасадор Андреас Фриганас му предало дипломатска нота во која го информира за мерките преземени од Москва како одговор на грчките непријателски акции кон руските дипломати и граѓани во јули, пишува во денешното соопштение од руското министерство, пренесува РСЕ.
Во него не се наведуваат имињата на грчките дипломати кои Москва ќе ги протера, ниту пак кога тоа ќе се случи.
Грчките власти минатиот месец протераа двајца руски дипломати и на двајца други им забранија влез во Грција, под обвинение за обид за поткуп на официјални лица и за поттикнување протести против договорот за името со Македонија. Москва ова го негираше, а портпаролката на министерството за надворешни работи Мариа Захарова ја обвини грчката влада за вклучување во “валкани провокации” кон Русија.