Русија со ракетни напади врз Кијив, има повредени и загинати лица

Сподели

 

Серија од експлозии го погодија украинскиот главен град Кијив, а руски напади се регистрирани и во други градови низ Украина, јавува Би-би-си. Дел од експлозиите утрово се случија во центарот на Кијив, при што се регистрирани неколку загинати и повредени лица.

Украинските власти соопштија дека Кијив е нападнат во неколку наврати утрово и ги советуваа граѓаните да останат во засолниште, но и да не ги фотографираат или снимаат локациите што се нападнати од руските сили.

Би-би-си јавува дека утрово под ракетен напад бил и градот Лвив во западниот дел на Украина, заедно со градовите Днипро, Хмелницки и Запорижја.

„Украина е под ракетен напад. Постојат информации за ракетирања во многу градови. Жртви меѓу цивилите се регистрирани“, Кирило Тимошенко, заменик раководител на кабинетот на украинскиот претседател, пренесува Укринформ.

Најмалку едно лице загина изминатава ноќ во ракетниот напад врз станбена зграда што се случил во градот Запорижја. Во градовите од Донецкиот регион изминативе 24 часа се регистрирани три загинати лица како последица на руските напади, јавува Укринформ.

Светските медиуми јавуваат дека руските напади врз украински градови претставуваат одмазда за саботниот напад врз Кримскиот мост, којшто беше изграден по окупацијата на полуостровот Крим за железничко и патно поврзување со копнениот дел на Русија./Мета.мк