Руските напади на украинската инфраструктура водат кон нова хуманитарна катастрофа

Сподели

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со еврокомесарката за енергетика, Кадри Симсон, при што ја информираше дека околу 40 отсто од енергетската инфраструктура на Украина е сериозно оштетена од руското гранатирање, особено термоелектраните и хидроелектраните на земјата. Украинските власти посочуваат дека се приморани да го сопрат извозот на струја во Европа, пишува Гардијан.

Покрај стопирањето на извозот на електрична енергија во екот на енергетската криза, Украина е приморана да воведе рестрикции на струја и вода во одредени градови, а под опасност претстојната зима е и затоплувањето на домовите.

Гувернерот на Кијивскиот регион Олексиј Кулеба, изјави дека украинскиот главен град повторно станува цел на руската стратегија, откако претходно руските сили неуспешно се обидоа да го освојат главниот град со окупирање на делови од Кијивскиот регион и да го држат под опсада градот.

„Тие нè удираат директно за да нема светлина во самиот Кијив“, рече Кулеба за неодамнешните напади на електрани во регионот.

Кулеба додаде дека ќе има целосен прекин на електричната енергија во Кијив доколку руските напади продолжат, а украинската противвоздушна одбрана не ги спречи во целост.

„Постои реална закана дека може да останеме без струја и до две недели и веќе се подготвуваме за тоа“, рече Кулеба. Не е јасно до кој степен ваквите рестрикции ќе се однесуваат на главниот град Кијив, но, според неговиот градоначалник, Витали Кличко, по ракетните напади во понеделникот на електрана во близина на Кијив, 80 отсто од градот останал без вода.

Гувернерот на Кијивскиот регион предупреди дека руските напади на инфраструктурни објекти би можеле да го намалат снабдувањето со централно греење, бидејќи и тоа се потпира на електрична енергија.

Кулеба ги информираше граѓаните дека планираат да отворат 750 локации во регионот каде што жителите ќе можат да одат за да се загреат, да се нахранат и да имаат пристап до вода. Истовремено, украинските власти подготвуваат и 425 подземни засолништа во случај на нуклеарен напад на Русија и тие ќе бидат готови до средината на ноември.

Инаку, планирани прекини на струја кои траат неколку часа, веќе се во сила во Кијив, регионот Кијив и во други региони низ Украина. Уште 16.000 домови во Кијивскиот регион се без снабдување со електрична енергија во моментов поради руските ракетни напади.

Властите во украинскиот главен град подготвуваат повеќе од 1.000 локации низ градот во случај неговиот систем за централно греење да биде оневозможен поради континуираните руски напади, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. На овие локации, генератори ќе обезбедуваат парно греење за граѓаните кои ќе дојдат на овие точки, а ќе имаат и залихи на вода за пиење и други неопходни работи.

Украинските власти истовремено им препорачуваат на Украинците кои веќе ја напуштиле земјата да останат во странските земји за време на зимскиот период. Тие ја обвинија Русија дека предизвикува нова хуманитарна криза, која ќе принуди уште повеќе луѓе да избегаат од своите домови, исплашени од помислата дека ќе останат без струја или затоплување во текот на грејната сезона.

За разлика од нападите врз цивилните објекти, Русија на фронтот веќе подолг период ги губи битките со украинската војска. Украинските воздухопловни сили во текот на вчерашниот ден извршиле 33 напади врз непријателски цели, при што биле погодени руско оружје, воена опрема и позиции на противвоздушната опрема, јавува Укринформ.

Украинската војска соопшти дека успеале да уништат 800 руски војници во текот на вчерашниот ден, тврдејќи дека бројот на убиени руски војници од почетокот на руската агресија врз Украина пораснал на 73.270, пренесува Укринформ. Руските власти не објавуваат редовно податоци за бројот на загинати нивни војници.

Во Донецкиот регион изминатово деноноќие загинале најмалку четири цивили како последица на руските воени дејствија, а дополнително телата на пет убиени цивили биле откриени, јавува Укринформ./Мета.мк