Руските сили ја презедоа контролата врз клучниот јужен пристанишен град Херсон, соопштија локалните власти. Тоа е првиот голем украински град кој е окупиран од почетокот на инвазијата. Градоначалникот на Херсон, Игор Колихаев и висок функционер на украинската влада потврдија дека Херсон паднал.
„Руските сили го опколија градот. По неколкудневни интензивни борби, украинските сили се повлекоа кон блискиот град Миколаев. Овде нема украинска армија“, изјави Колихаев.
Руските агресори веднаш почнале со реализација на планот да воспостават руски административен центар.
Во изминатите неколку часа силни експлозии го потресоа Киев и другите градови, а снимките покажуваат огромна огнена топка која го осветлува небото во главниот град. Сепак, претставник на американската одбрана вели дека огромен конвој руски воени возила во близина на Киев „запрел“ поради недостиг на гориво и храна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна во ноќта објави видео во кое ја пофали храброста на граѓаните во одбраната на својата земја. Меѓународниот кривичен суд во Хаг започна истрага за можни воени злосторства во Украина.
Повеќе од еден милион луѓе сега ја напуштиле Украина од почетокот на инвазијата, соопштија од Обединетите Нации, а нивниот бројот брзо расте.
Русија за прв пат призна дека претрпе големи воени загуби за време на нападот врз Украина, со 498 убиени војници и 1.597 ранети, пренесува РСЕ.