Русковска повторно се кандидира за шефица на Обвинителството за организиран криминал

Сподели

 

Вилма Русковска, обвинителка и екс-шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, денеска изјави дека нејзината суспензија како и поднесената кривична пријава, ги гледа како притисок кон неа и кон сите јавни обвинители за да внимаваат против кого ќе поведат постапка. Ова таа денеска го изјави откако даде исказ во Обвинителството, по поднесената кривична пријава за злоупотреба на службена должност при претресот извршен на 18 јули годинава во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО – ГОКК.

Таа соопшти дека повторно конкурирала за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и дека очекува поддршка од нејзините колеги.

„Давав исказ по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција за наводна злоупотреба на службена положба и овластување и за наводна фалсификувана исправа. Ова е истрага, а јас бев испитана во својство на осомничена. Очекувам да се отфрли пријавата“, изјави Русковска.

Таа кажа дека не извршила увид во доказите и дека не знае какви докази се собрани освен што знае за делови од предметот што се прибавени од Организиран криминал. Кажа и дека ја видела кривичната пријава.

Пријавата на 8 август ја поднесе Управата за финансиска полиција, а оштетено лице е Арафат Муареми. Беше поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за „злоупотреба на службена положба и овластување“ при претресот во Управата за финансиска полиција извршен на 18 јули годинава.