Јавното обвинителство има сознанија и за други случаи на уцени кои се вршени од лицата осомничени во случајот „Рекет“, но засега не се открива за колку случаи се работи. Неколку бизнисмени веќе дале изјава во обвинителството.
Обвинителката Вилма Русковска за Дојче веле утрово изјави дека засега нема нови моменти во истрагата за случајот „Рекет“. Се уште не е завршено вештачењето на запленетиот телефон на обвинителката.
„Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“, изјави јавната обвинителка за организиран криминал, Вилма Русковска утрово за Дојче веле.
Русковска потврди дека тие бизнисмени тврделе дека биле уценувани од истите лица кои се осомничени во истрагата за случајот „Рекет“.