САД: 11 милиони илегални мигранти не мислат да се вратат во татковината

Сподели

migranti-amerika

ЊУЈОРК (АА) – Мустафа Келеш -Најавата на новиот американски претседател Доналд Трамп дека ќе подигне ѕид на границата со Мексико и ќе ги депортира сите мигранти кои немаат документи, загрижи околу 11 милиони илегални мигранти во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

Милиони мигранти по илегален пат дојдоа во САД и започнаа нов живот. По предизборните ветувања на Трамп значајно е зголемен расизмот и говорот на омраза против муслиманите и другите малцинства.

Според податоците од 2014 година, во САД се престојуваат 11,1 милиони илегални мигранти. Повеќе од половина, 52 отсто, се Мексиканци, потоа следуваат мигрантите од Централна Америка со 15 отсто и со 12 отсто од Азија. Меѓу нив се наоѓаат и 6 отсто мигранти од Јужна Америка, 5 од Карибите, и 5 отсто од Европа и Канада. Преостанатиот дел го сочинуваат оние од некои други земји во светот.

Според податоците на истражувачкиот центар Пју, околу осум од 11,1 милиони активно учествуваат на пазарот на трудот. Најмногу илегални мигранти има во Калифорнија, Тексас, Флорида, Њујорк, Њу Џерси и Илиноис.

Околу 66 отсто од нив повеќе од десет години живеат во САД. Поголемиот дел работат во секторите за кои не им е потребна стручна квалификација. Воглавно работат како мијачи на садови во рестораните или како градежни работници.

Само во Њујорк живеат околу 750.000 илегални мигранти. Многу ресторани на Менхетен нудат работа за илегалните мигранти од Мексико. Меѓу нив е и Франциско Кастиљо кој од 2008 година дошол во САД, оставајќи ги во родната земја сопругата и синот.

Како што изјави за АА, во САД преминал така што дал 1.500 долари на мафијата којашто го прокриумчарила во земјата. Еден дел од парите дал во Мексико, а останатиот дел откако ја преминал границата. На овој чин се одлучил поради лошата економска ситуација во Мексико, а во Њујорк живее во четирисобна куќа со уште седум Мексиканци.

Безбедносните мерки кои во последно време се преземени на границите, влијаат и на илегалните премини. Кастиљо истакна дека цената на илегалниот премин кај мафијата се зголемила на 8.000 долари.

По победата на Доналд Трамп, според Кастиљо, дискриминацијата е зголемена, посебно во јужните делови на САД. Тој досега немал проблеми, но изрази загриженост поради новонастанатата состојба во таа земја.

„Не разбираме зошто Трамп е толку против нас Мексиканците”, рече Кастиљо. Истакна дека им се припишуваат различни работи како продавачи на дрога, силувања и слично.

Кастиљо додаде дека тие, како илегални мигранти, се соочуваат со големи проблеми, немаат осигурување, не можат да отидат на лекар кога е потребно.

Во истиот ресторан со него работи и Агустин Селестино, кој од 2004 година дошол во САД оставајќи ги сопругата и двете деца.

Во текот на 12 години со нив разговара само преку телефон, а неделно им праќа по 200 долари.

„Со тие пари таму многу убаво живеат”, раскажа Селестино. Се надева дека еден ден ќе добие дозвола за престој во земјата и дека ќе има можност да ја види сопругата и децата.

И 35-годишниот Хесус Флорес од 2001 година во САД. Работи во угостителскиот сектор, а во 2005 година првпат по илегален пат се вратил во Мексико за да го види семејството, и во 2006 повторно се вратил во САД.

Флорес не мисли да се враќа во Мексико и истакна дека нивната иднина е неизвесна.

„Не одев на училиште. Немам можност да најдам добра работа во Мексико и да заработам пари. Можеби е опасно, но останувам тука”, порача тој.

Мексиканката Лаура работи на каса во еден маркет. Заработува 11 долари од час.

„Ова не е моја земја, ова е земја на Американците. Американците го избраа Трамп и тоа го почитуваме”, порача Лаура.