Судот во Сан Франциско, реши дека германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ треба да им исплати 1,2 милијарди долари отштета на автосалоните во САД, кои претрпеле финансиски загуби поради скандалот со манипулациите, со емисиите на штетни гасови од неговите возила.
Во судската одлука не е наведен бројот на автосалони кои ќе добијат отштета од „Фолксваген“, но веќе стигнуваат најави за индивидуални тужби и барања за надомест од германската компанија.
Согласно долуката на Судот, „Фолксваген“ ќе треба да одвои и околу 10 милијарди долари за поправка или за откуп на веќе продадените околу 475.000 модели на негови возила, со спорните дизел мотори во САД.
Концернот на сопствениците на овие возила ќе треба да им плати помеѓу 5 и 10 илјади долари, во зависност од годината на производство на возилата, а ќе треба да исплати и уште 2,7 милијарди долари за замена на спорните еколошки уреди и да оддели дополнителни две милијарди долари, за развој на автомобили кои ќе емитуваат помало ниво на штетни гасови.