САД: Го поддржуваме територијалниот интегритет на Македонија

Сподели

„Соединетите Американски Држави го признаваат и го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија и оваа позиција не е променeта“. Ова го изјавил за „Гласот на Америка“ на албански јазик висок неименуван функционер на американскиот Стејт департмент, а во врска со изјавата на републиканскиот конгресмен Дана Рорабакер.

Изјавата  е безмалку идентична со изјавата што минатата недела ја даде портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, по шпекулациите во некои од медиумите во земјава дека Амбасадата на САД во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД. Тонер тогаш беше дециден дека нема промена во американската политика спрема Македонија.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија вчера соопшти дека по дипломатски пат побарало став од американскиот Стејт департмент за изјавите на Рорабакер, изнесени во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повика претседателот на Конгресот на САД, Пол Рајан, и лидерот на мнозинството во Конгресот, Кевин Мекарти, итно да го отповикаат конгресменот од функцијата претседател на Подкомитетот за европски работи.

Инаку, Рорабакер во интервјуто изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.