Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, најави дека денеска ќе ја објави одлуката за затворање на канцеларијата на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во Вашингтон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на изјавата на неименуван претставник на Белата куќа, весникот „Amerikan Wall Street Journal“ најави дека одлуката за затворање на канцеларијата на Палестинската ослободителна организација во Вашингтон ќе ја објави советникот за национална безбедност, Џон Болтон.
Истиот извор објави и драфт од текстот што ќе го прочита Болтон, а во него се наведува дека Соединетите Американски Држави (САД) секогаш стојат покрај пријателскиот и сојузнички Израел.
„Администрацијата на Трамп нема да ја држи канцеларијата отворена додека Палестинците одбиваат да стапат во директни и конструктивни мировни преговори со Израел“, наведува американскиот весник.
Паралелено со тоа, истиот извор најавува дека советникот на Трамп, Болтон, ќе упати и закани со санкции кон Меѓународниот кривичен суд, во случај да започне истрага против САД и Израел.
За таа тема досега официјално не се изјаснија ниту Белата куќа, ниту Стејт департментот.
Претходно, Трамп ја запре сета помош за Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA) и порача дека САД нема да им помагаат на Палестинците сè додека не продолжат со директни преговори со Израел, со посредство на Вашингтон.
Администрацијата на Трамп во низа наврати соопшти дека се работи на „договорот на векот“ кој би требало да ја реши блискоисточната криза, а палестинскиот претседател одби да разговара со американските претставници и го нарече тој план „шлаканица на векот“.