САД: Лидерите на политичките партии да престанат со негативната реторика.

Сподели

Американскиот Стејт департмент вчера изрази загриженост поради тензичната состојба во Македонија по предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември и ги повика лидерите на политичките партии да престанат со негативната реторика.

„Загрижени сме поради зголемените политички тензии во Македонија по парламентарните избори на 11 декември и ја осудуваме запаливата реторика од некои политички лидери, која дава дозвола за напади на демократски институции и на амбасадори акредитирани во Македонија – изјави портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби.

Тој истакна дека политичките лидери треба да се фокусираат на формирање нова влада и на враќање на земјата на евроатлантскиот пат.

– Ги повикуваме политичките лидери да престанат со неосновани напади, да го почитуваат демократскиот процес и да дозволат формирање на веродостојна и стабилна влада посветена на владеење на правото, одговорност и на основните права. САД се подготвени да ѝ помогнат на таквата влада да ги оствари долготрајните цели на Mакедонија за евроатлантска интеграција – рече Кирби.

Изјавата на американскиот Стејт департмент доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во саботата преку партискиот проглас ги прозва амбасадорите дека се мешаат во внатрешните работи на Македонија. Еден ден по изјавата на Груевски, на протестот пред Државната изборна комисија, приврзаниците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се појавија со транспарент на кој беше испишано „Бејли тргни ги рацете од Македонија“, а вчера на интернет се појавија и погребни фотографии од поранешни и од сегашни американски и европски амбасадори.

Вчера со слична реакција излезе и Европската комисија, која изрази загриженост поради случувањата во Македонија, негативната реторика на политичари и повика на одговорно однесување.